Досега неизложени дела од големиот македонски уметник Борко Лазески (1917 – 1993) ќе се изложат утре, 10 ноември во 19 часот во семејната куќа на авторот на улицата Отон Жупанчиќ бр. 15 во Скопје.
Изложбата се организира за 30-годишнината од неговата смрт, а сдоржи дела изработени во периодот од 1937 до 1950 година.
Кураторка на изложбата е Марија Коробар, која вели дека циклусот претставува значаен дел од искуството на авторот и нуди преглед на неговата уметничка перцепција од тој период.
Делата го одразуваат талентот и креативноста и неговата способност да ги фиксира деталите во своето искуство.
„Уметничкото наследство на Борко Лазески има трајно влијание врз македонската визуелна уметност и се смета за пионер во македонската модерна. Тој зад себе оставил богат опус на творештво кој го одразува неговиот креативен развој и влијанието на времето и средината во која творел. Неговото творештво се одликува со различни стилови, а неговите дела истражуваат и прикажуваат различни аспекти на македонската култура и идентитет“, вели Коробар.
Лазески запишал Ликовна школа во 1933/34 година во Белград, а студиите ги продолжил на Ликовната академија во Белград, но поради војната ги завршил на Државната уметничка академија во Софија, во 1943 . Во почетокот на 1945 година учествувал во формирањето на Уметничката школа во Скопје и е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Како стипендист на француската влада во 1945 година се запишал на парискката Висока национална школа за ликовна уметност, во одделот за фрескосликарство. Тука ги студирал монументалните техники, што подоцна ќе станат негова уметничка определба.
Во текот на двегодишниот престој во Париз, Лазески работел во атељето на францускиот уметник и теоретичар Андре Лот, кој има клучна улога во оформувањето на ликовниот стил на Лазески како автор. Тој бил и прв в. д. директор на Уметничката галерија во Скопје, во 1948 година.