Субрата Рој, контроверзниот индиски бизнисмен кого владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски го доведе во Македонија како голем инвеститор, почина на 75 години по долго боледување. Тој бил примен во болница во неделата откако му се влошила состојбата поради бројните здравствени проблеми, објави „Хиндустан тајмс“.
Роден во 1948 година, Субрата Рој изгради големо деловно царство кое опфаќаше разни сектори, како финансии, недвижности, медиуми и хотелиерство. Неговиот деловен подем почнал со преземањето на компанијата „Сахара фајненс“ во средина на 1970-ите, која потоа ја трансформирал во најголемиот индиски конгломерат „Сахара груп“.
Во 2014, врховниот суд на Индија наредил притворање на Субрата Рој поради спор со Одборот за хартии од вредност на Индија, што довело до долга судска битка, по која завршил и во затвор.
Субрата Рој се појави во Македонија во првата половина на 2010-ите, при што се поврзуваше со градење на голем туристички комплекс во Љубаништа и со купување на агрокомбинатот „Џумајлија“, а како потсетник на него остана недовршениот споменик на Мајка Тереза на плоштад Македонија во Скопје, што од владата на ВМРО-ДПМНЕ беше претставуван како негова донација.