ОХРИДСКО-СТРУШКИОТ РЕГИОН ПРВПАТ ДОБИВА СОВРЕМЕН АПАРАТ ЗА НАВРЕМЕНА ДИЈАГНОСТИКА НА ХПВ ВИРУСОТ

    ОХРИДСКО-СТРУШКИОТ РЕГИОН ПРВПАТ ДОБИВА СОВРЕМЕН АПАРАТ ЗА НАВРЕМЕНА ДИЈАГНОСТИКА НА ХПВ ВИРУСОТНовата опрема им овозможува на корисниците да добијат брзи и точни резултати за анализите (Фото: СДК.МК)

    Пациентите од Охрид, Струга и Кичево за првпат имаат можност да направат навремена и точна дијагностика за хуман папилома вирусот (ХПВ), која е клучна во борбата против ракот. Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Охрид доби најсовремена апаратура и воспостави целосно автоматизиран систем за молекуларна дијагностика, во кој се интегрирани екстракција на нуклеински киселини ДНК и РНК, ПЦР амплификација во реално време и интерпретација на резултати. Оттаму велат дека интересот за новите анализи секојдневно расте.

    Имаме искуства во другите региони каде што имаат ваков апарат, еднаш неделно ги работат анализите, а кај нас за помалку од месец секојдневно се вклучува апаратот, секојдневно имаме примероци за анализи, што значи дека потребата е голема и задоволство ми е што можеме да одговориме на барањата на сите наши корисници. Oваа апаратура има софистициран систем и комплетна поддршка од компанијата преку која е обезбеден апаратот“, рече директорот на ЦЗЈ Охрид, Сашо Точков, на денешната презентација на можностите на новата опрема пред матичните гинеколози од Охрид и Струга.

    Новата опрема им овозможува на корисниците да добијат брзи и точни резултати за анализите, како скрининг на присуство на високоризични типови на ХПВ, одредување поединечни генотипови на 14 високоризични типови на ХПВ кои се застапени на балканското подрачје и докажување присуство на кламидија трахоматис во гинеколошки, цервикални брисеви кај трудници. Ваквите анализи претходно се правеа во Битола или Скопје.

    Анализите, методологијата и самите реагенси се доста скапи, но со покривање на дел од надоместокот од Фондот се плаќа само партиципација од 20 посто. Од анализите кои досега се правени, посебно во делот на ХПВ вирусот, сме имале околу 3 посто позитиви примероци, што не е многу, бидејќи анализите ги работиме околу еден месец, а што се однесува до кламидија трахоматис имаме доста позитивни резултати. Битно е пациентите да имаат можност да се тестираат навремено, да се превенира и да се знае ако има некој проблем во самата бременост, навреме да се третира“, кажа Точков.

    Д-р Јасна Митреска, специјалист-гинеколог, вели дека раното откривање на ХПВ вирусот и ХПВ типизацијата се клучни во борбата против карциномот на грлото на матката.

    На запад пред неколку години е воведено наместо ПАП тест, прво да се прави ХПВ типизација, бидејќи е објаснето дека во 99% случаи ХПВ вирусот е главна причина за појава на карцином на грлото на матката. Ако ХПВ вирусот навреме се открие, се лечи со зајакнување на имунолошкиот систем на организмот, а и многу лесно ни е на нас гинеколозите да ги откриваме тие предканцерози, кои се сто процентно излечиви“, вели Митреска.

    Современиот апарат во ЦЈЗ Охрид е набавен од „Биотек групација“ Скопје.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира