Кучето на молдавската претседателка Маја Санду го прекрши протоколот и го касна за рака претседателот на Австрија, Александер фан дер Белен, кој беше во посета на земјата која неодамна доби зелено светло да почне пристапни преговори со ЕУ. Инцидентот се случи во дворот на претседателската палата во Кишињев, кога Фан дер Белен сакал да го погали кучето.
Молдавските медиуми известија дека Санду се извинила и рекла дека кучето наречено Кодрут се уплашило од големиот број луѓе наоколу. Фан дер Белен подоцна бил снимен со фластер на раката.
„Сите знаат дека сакам кучиња и можам да ја разберам неговата возбуда. Севкупно, ова беше добра средба“, објави Фан дер Белен на Инстаграм, додавајќи дека на крајот на посетата му подарил мала играчка на кучето.
Санду, која го спасила кучето откако било удрено од автомобил, подоцна објави снимка на која Кодрут се дружи со гостите.