Ирскиот кантавтор и некогашен фронтмен на панк групата „Поугс“, Шејн Мекгоуен, почина на 65 години откако во изминатиот период имал сериозни здравствени проблеми. Тој годинава поминал неколку месеци во болница поради енцефалитис.
Мекгоуен беше еден од основачите на „Поугс“ во 1982 и првично го предводеше до 1991. Групата објави седум студиски албуми, од кои пет со Мекгоуен, популаризирајќи го таканаречениот келтски панк. „Поугс“ соработуваше со англиската пејачка Кирсти Мекол на големиот божиќен хит „Њујоршка бајка“ (Fairytale of New York), кој се искачи на второто место на британската топ-листа во 1988.
Откако беше избркан од „Поугс“ во 1991 поради непрофесионално однесување, Мекгоуен формираше нов бенд, „Поупс“, со кој сними два албума. Во „Поугс“ се врати во 2001 и остана негов пејач до конечниот распад во 2014.
Животот и кариерата на Мекгоуен беа обележани и со проблеми со дрога и алкохол и тој подоцна призна дека Шинејд О‘Конор многу му помогнала да се откаже од тешки дроги.
Последниот албум (со „Поупс“) го сними во 1997, но остана музички активен, гостувајќи кај други музичари.