НОВА АНГИОСАЛА И НОВ АНГИОГРАФ ЗА ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОГИЈА ВЕТИ ЗАМЕНИЧКАТА-МИНИСТЕР ЗДРАВСТВО МАНОЛЕВА

    НОВА АНГИОСАЛА И НОВ АНГИОГРАФ ЗА ОХРИДСКАТА КАРДИОЛОГИЈА ВЕТИ ЗАМЕНИЧКАТА-МИНИСТЕР ЗДРАВСТВО МАНОЛЕВАВо болницата се лекуваат пациенти од целиот Југозападен Регион. (Фото: СДК.МК)

    Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид ќе добие уште една ангиосала и нов ангиограф, вети заменичката-министер за здравство д-р Маја Манолева која денеска беше во посета на болницата каде се лекуваат пациенти од целиот Југозападен Регион.

    „Оваа институцијата треба да се развива со уште една ангиографска сала и со уште еден ангиограф. Барањата од институцијата се стигнати во Министерството за здравство и се надеваме дека во наредниот период ќе можеме позитивно да одговориме на сè она што се барања заради реалните потреби на пациентите“, изјави Манолева.

    Во оваа болница годишно се извршуваат над 2.500 интервентни процедури, а секојдневно има над 120 специјалистички прегледи, над 50 ехокардиографии како и по 40 стрес-тестови и доплери. Од 2019 работи и Одделот за електростимулација, со што овој центар станува вториот референтен центар во државата за имплантација на пејсмејкери. Минатата година е набавен најнов современ апарат за ехокардиографија како и нов ангиограф.

    „Низ годините наназад, оваа институција не застанува само во грижата за пациентите туку истовремено станува и референтен центар за обука на наши лекари за одредени интервентни процедури. За пофалба е целиот тим на институцијата којшто 24 часа во текот на денот, 365 дена во годината, овозможува пациентите да ги добијат потребните услуги“, кажа Манолева.

    Директорката на Специјализираната болница за кардиологија, д-р Елена Коваческа-Башуроска, вели дека регионот кој болницата го опслужува брои над 350 илјади жители, па поради тоа потребна е поддршката од Министерството како во опрема така и просторни услови. Според Коваческа-Башуроска, со новата ангиосала и уште еден ангиограф значително ќе се намали листата на чекање на пациентите.

    „Години наназад се случуваше во неколку наврати дефект на апаратот, пациентите беа праќани на Клиника за кардиологија, а одложувани беа елективните пациенти за елективни ангиографии, што е голем проблем. Токму затоа е потребен уште еден ангиографски апарат“, изјави д-р Коваческа-Башуроска.

    Во врска со новиот објект на болницата „Свети Еразмо“, во кој требаше дел од просторот да користи и охридската Кардиологија, а за кој се чека веќе 7 години, Коваческа-Башуроска кажа дека установата која ги згрижува животно загрозените пациенти има потреба од дополнителен простор, но исто така ќе се оствари и целта за развој на нови дијагностички и тераписки процедури.

    „Не се откажуваме од онаа планска цел за развој на регионален центар за акутен мозочен удар заедно со здравствените и технички капацитети на другите институции во регионот, по примерот на акутен миокарден инфаркт, да се направи мрежа на акутен мозочен удар која би го покривала цел Југозападен Регион“, вели Коваческа-Башуроска.

    Заменичката-министер рече дека во тек е постапка на преземање на објектот од Министерството.

    „Последната гарнитура во Министерството презеде сериозни чекори во однос на капиталните објекти кои беа планирани па застанати како Клиничката болница во Штип, болницата во Кичево и еве овој објект ‘Свети Еразмо’ во Охрид. Се надевам во краток период ќе има точна разрешница и точно ќе можеме да знаеме што понатака со сите тие објект“, појасни Манолева.

    Во тек е и реконструкција на објектот на болницата за кардиологија за енергетска ефикасност со грант добиен преку Министерството за локална самоуправа и Швајцарската амбасада во вредност од 350 илјади евра.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира