За првпат на театрската сцена во Битола стапнаа лица со попречености јавно говорејќи за општестветната дискиминација и стигматизација. Овој храбар чекор се случи синоќа на премиерата на документарната претстава „8%?“ на АТО-Центарот за современа култура и уметност што се одигра во Центарот за култура во Битола, каде и актерите и реалните ликови без влакна на јазикот проговорија во какво општество живеат хендикепираните, болните, жртвите на семејно насилство, обесправените… Името е симболично, зашто бројата на вакви случаи е поголема од запишаните осум проценти во државата.
„Се сеќавте како ви беше вам за ковидот кога надвор пукаше убаво време, а вие бевте затворени во изолација дома и ви доаѓаше да пукнете од мака што не можете да излезете? Е така им е на хендикепираните секој ден. Тие цел живот се во изолација зашто на сите страни има бариери“, рече во својата реплика актерот Никола Пројчевски играјќи го ликот на канцелариски координатор во организација која фаќа пари со проекти за заштита на човекови права.
Во претставата, авторот и режисер Јован Ристовски заедно со коавторката Весна Куслеска претставија невладина организација која работи проекти за маргинализирани групи. Кај нив тие се само бројка и основа за печалба, а не предизвикуваат суштинска промена во општеството. На крај се свестуваат дека општествената дискриминација ја прави секој до нас.
„Претходеше истражување, бевме скоро во сите градови низ државата и сретнавме сексуални работничи, пратеници, жртви на семејно насилство, слепи, инвалиди, глувонеми, Роми и други изложени на дискримианција. Заклучокот е дека живееме во држава без никаква емпатичност од страна на народот, себичност, незаинтересираност. Сѐ додека не се врати љубовта кај народот не можеме да одиме напред. Има системска дискирминација, а системот го градиме сите ние, па одговорноста е до сите нас“, рече режисерот Јован Ристовски.
На сцената, преку говорот на актерите Никола Пројчевски, Марија Стефановска, Наталија Ристевска, Петар Горко, прозвучија судбини на граѓани кои се вистински дискиминирани. Актерката Соња Михајлова скоро и да немаше дијалози, но со својот емотивен израз и молк предизвика освестување дека мора да се дејствува за подобро општество. Посебно солзи кај публиката предизвика сведоштвото на битолчанките Билјана Тодоровска која на сцената се појави во инвалидска количка, Весна Софрониевска со стапче за слепи лица и Ивана Атанасовска од Асоцијацијата за цистичка фиброза.
„За да стигнам од точка А до точка Б во градот користам антискаларен електричен уред. Со него се движам гледам и слушам: ‘Уште оваа со скутерот ми беше кусо тука’. Но, моите нозе ме носат до најголемата мисија во светот – да изградиме пристапно општество за сите“, рече Тодоровска.
За бариерите проговори и Весна Софрониевска, велејќи дека да се биде слепо лице во Македонија не е ни малку лесно.
„Излегувате од дома и паркиран автомобилот на соседот точно пред скалите. Одите понатаму, раскопана улица без никакви предупредувања. И ни малку адекватно ограничена и заштитена. Не дај Боже да паднете, а сте сами, прво ќе речат: ’Кај одиш ко си сама, знајш дека не гледаш’. За да излезем од дома треба да имаме бело стапче. Ај што нема каде да го купиме нема ни обука кој да ни направи како да го користиме“, рече Софрониевска.
Се осврна на задолжителното образование каде нема брајови машини и електронска тетратка. Парадокс е што сме единствена земја на Балканот без библиотека за слепи, книги на Брајово писмо и во аудио формат, а нема ни кој да се грижи за информатичка едукација на слепите лица.
„Денес знаете што е пракса – јас која не знам дали во просторијава гори светло и некој што вози електричен велосипед и пазарува самостојно, чита стандардно писмо, гледа цени во супер маркет, пред законот сме исти и тие и јас земаме додаток за попреченост“, рече Софрониевска.
Ивана Атанасовска, пациентка со цистичка фиброза која била спречена да стане актерка поради болеста, рече дека во општеството чекаме да се случи нешто лошо, да се изгуби нечиј живот, за да преземе нешто.
„Живееме како во дистопија на Орвел каде сите се еднакви, ама некои се поеднакви. Живееме во општество со тежок товар на предрасуди кои туркаат во дискриминација и стигматизација, каде е пострашно да кажеш дека си болен и по цена на животот“, рече таа.
Режисерот Ристовски се надева дека и со оваа претстава ќе покрене промени како и со претходната „Улаф сте“ на знаковен јазик, кога се забрзаа законските измени за стандардизација на македонскиот знаковен јазик.
Ж. ЗДРАВКОВСКА