НИ СЕ ЗАКАНУВА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ, НЕ ГИ КОЦКАЈТЕ ЖИВОТИТЕ НА ВАШИТЕ ДЕЦА, АПЕЛИРААТ ДОКТОРИТЕ

    НИ СЕ ЗАКАНУВА ЕПИДЕМИЈА НА МАЛИ СИПАНИЦИ, НЕ ГИ КОЦКАЈТЕ ЖИВОТИТЕ НА ВАШИТЕ ДЕЦА, АПЕЛИРААТ ДОКТОРИТЕД-р Ставридис, д-р Којиќ и д-р Мехмедовиќ на денешниот брифинг за МРП вакцинација. (Фото: К. Попов)

    Зголемен е ризикот од епидемија на морбили во земјава, рече денеска д-р Кристина Ставридис, епидемиолог од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) по повод нискиот опфат на вакцинација со МРП вакцината. Докторката кажа дека МРП вакцината е безбедна и ефикасна и обезбедува истовремена заштита против 3 сериозни болести: мали сипаници, рубеола и заразни заушки.

    Вакцината против мали сипаници во Македонија е воведена во 1972. По воведувањето на вакцинацијата значително се намалува и морбидитетот и морталитетот од мали сипаници. Во 2016 и од 2020-2022 не е регистриран ниту еден случај на мали сипаници.

    Д-р Ставридис потсети дека оваа година беше регистриран само еден случај на мали сипаници кај 13-месечно невакцинирано бебе од Свети Николе, каде опфатот со вакцина бил над 98 отсто, што придонело да не се појави епидемија.

    „Последната епидемија на мали сипаници беше во 2019 со вкупно 1.901 заболено лице. Над 80, 5 отсто од заболените лица во епидемијата беа невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Епидемијата заврши како резултат на интензивната вакцинална кампања со МРП вакцинација, со која беа опфатени над 44 илјади деца до 14-годишна возраст, како најефикасна противепидемиска мерка. Таа година опфатот со МРП вакцина надмина 93 отсто и за прва и за втора доза. Но, веќе следната година со почеток на ковид-19 пандемијата, вакциналниот опфат се намалува на 63 отсто за прва доза и 68,5 отсто за втора доза. Следните две години се бележи скромно зголемување кое достигна 70, 7 отсто за прва доза и 89,2 отсто за втора доза, во 2022. Нискиот опфат последните две години доведува до зголемување на бројот на невакцинирано, осетливо население на мали сипаници. Дополнително, во услови на намален глобален опфат со МРП вакцина за прва доза, од 83 отсто и втора доза од 74 отсто, кој е далеку под опфат од 95 отсто неопходен за постигнување на колективен имунитет, се зголемува ризикот од појава и проширување на епидемија од мали сипаници“, кажа д-р Ставридис.

    Околу бројните дезинформации за тоа дали оваа вакцина предизвикува аутизам, д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, кажа дека не постои релевантен доказ оти вакцините предизвикуваат аутизам.

    Примариус д-р Лилјана Којиќ, специјалист педијатар при Клиника за детски болести кажа дека дека во нејзиното претходно работно искуство во примарното здравство, имало случаи на 11 деца со аутистичен спектар што не биле вакцинирани, па нагласи дека кај нив во никој случај не може да има поврзаност со вакцинирање. На родителите што сакаат да ги вакцинираат децата кои се алергични, им советува да се обратат за консултација на Одделот за имунологија на Клиниката за детски болести.

    Според д-р Којиќ, здравствените работници се соочуваат со три групи возразни, оние кои без прашање вакцинираат, оние кои имаат отпор кон вакцините, како и оние кои зе збунети и исплашени, па одложуваат вакцинација.

    „Со нив треба најмногу да се работи“, рече таа.

    Говорејќи за последиците и компликациите, д-р Ставридис кажа дека малите сипаници се високо заразно респираторно заболување предизвикано од вирус што може да доведе до тешки компликации и смрт.

    Рубеолата е вирусна респираторна инфекција која вообичаено предизвикува благи симптоми кај децата, како зголемена температура, осип и отечени лимфни жлезди. Кај децата може да помине и без симптоми, но кај бремените жени и нивниот плод може да предизвика сериозни здравствени компликации.

    Заразните заушки – паротит, се вирусна респираторна инфекција која се манифестира со зголемена температура, главоболка и оток на плунковите жлезди. Вообичаено болеста поминува со блага клиничка слика, но кај одредени случаи може да предизвика сериозни компликации како воспаление на мозочните обвивки – менингитис, или воспаление на мозокот – енцефалитис. Ретка, но карактеристична компликација е губење на слухот. Секој четврти адолесцент или возрасен маж развива оток и воспаление на тестисите, што ретко може да доведе до неплодност.

    „Кога се знаат сите овие компликации, зошто да се коцкам со моето дете?“, рече д-р Којиќ, која сподели дека и самата таа на мала возраст прележала тешка форма на мали сипаници.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира