Американскиот актер Андре Браугер, кој се прослави во сериите „Оддел за убиства“ и „Бруклин 9-9“, почина на 61 година по кратко боледување, објави неговиот агент. Браугер често играше полицајци и детективи во кариерата, како во драми, така и во комедии.
Роден во Чикаго, Браугер дипломирал на Универзитетот Стенфорд, пред да учи драма во Џулијард. Првата голема филмска улога ја оствари во воената драма „Слава“, за која Дензел Вашингтон го освои првиот Оскар, а неговата телевизиска кариера процути со улогата на детективот Френк Пемблтон во култната серија „Оддел за убиства“ (Homicide: Life on the Street), за која освои Еми за најдобар актер во драмска серија во 1998.
Вкупно беше номиниран 11 пати, а вторпат беше награден во 2006 за минисеријата „Крадец“.
Браугер се здоби со нова генерација фанови играјќи го капетанот Рејмонд Холт во хит-серијата „Бруклин 9-9“ од 2013 до 2021, каде што го покажа својот извонреден талент за комедија.