Албанската влада ќе го користи ЧетГПТ за да преведе илјадници страници со законски мерки и одредби на Европската Унија на албански јазик и потоа да ги интегрира во постојните правни структури. Ова доаѓа откако беше постигнат договор со компанијата која го разви овој популарен четбот „ОпенАИ“, чија извршна директорка е Албанката Мира Мурати.
Иако 14 години чека на прием, дури 97% жители на Албанија го поддржуваат членството во ЕУ. Идејата е со помош на вештачката интелигенција да се забрза голем дел од документацијата во обид да се олесни пристапот на земјата во блокот.
ЧетГПТ беше развиен од Мурати и нејзиниот тим од „ОпенАИ“ и пуштен во употреба на 30 ноември 2022. Владата на Еди Рама ќе го користи моделот за преводи на албански јазик за да се обезбеди детален преглед на тоа што и каде треба да се направат промени во локалното законодавство и да се усогласи со правилата на ЕУ. Ќе обезбеди и анализа на влијанието на сите мерки и промени, за што обично се потребни многу експерти и време.
„Со овој потег ќе се елиминираат армија од преведувачи и баталјон на адвокати, што чини милиони евра и ќе се забрза процесот“, изјави Рама.
Тој кажа дека на претстојниот самит на ЕУ во Брисел ќе претстави успешен тест на албанскиот модел на вештачка интелигенција за интервенција во законодавството со вкупно 280.000 страници правни мерки на ЕУ.
Албанската влада во август објави дека ќе почне да користи ЧетГПТ и дека вештачката интелигенција ќе замени голем дел услуги во локалната и националната власт. Албанија е првата земја која користи вештачка интелигенција во пристапниот процес кон ЕУ.
Мурати пред неколку недели беше назначена за привремена извршна директорка на „ОпенАИ“. Родена во Валона, таа студирала во Тирана, пред да се пресели во САД за да студира компјутерски науки. Во „ОпенАИ“ работи од 2016.