Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас за продажба на два плаца на Водно, претходно конфискувани од ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков во случајот „Империја“. Станува збор за градежно неизградено земјиште со површина од 3880,15 м2 и шума со површина од 634,38 м2, кои што се наоѓаат на место викано Големо Курило во Општина Центар, одземени со правосилна пресуда од Основен кривичен суд Скопје.
Од Агенцијата за управување со одземен имот велат дека со продажбата на овие недвижности во буџетот на државата ќе се уплатат средства во висина од 126.638.882 денари или 2.059.000 евра.
Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба.
Досега, Агенцијата за управување со одземен имот продаваше станови и гаражи од конфискуваниот имот на Мијалков.