ДВАЈЦА УАПСЕНИ ВО НОВИ ПРЕДИСТРАГИ ЗА ПРОНЕВЕРА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, НА СУДЕЊЕТО ГЛАВНИОТ СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО СВЕДОЧЕШЕ ВО КОРИСТ НА ОБВИНЕТИТЕ

    ДВАЈЦА УАПСЕНИ ВО НОВИ ПРЕДИСТРАГИ ЗА ПРОНЕВЕРА ОД 1,3 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, НА СУДЕЊЕТО ГЛАВНИОТ СВЕДОК НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО СВЕДОЧЕШЕ ВО КОРИСТ НА ОБВИНЕТИТЕВо моментов, во Основниот кривичен суд Скопје се води постапка против Перпарим Бајрами, Артан Груби и уште 6 обвинети за злоупотреба на службената положба, но првиот и главен сведок на Обвинителството сведочеше во корист на обвинетите. (Фото: СДК.МК)

    Уапсени се две лица по серија претреси на семеен дом и на лица на повеќе локации, во врска со нова истрага за проневера на 80 милиони денари (околу 1,3 милиони евра) во Државна лотарија, соопшти Финансовата полиција. Обвинителството не го открива идентитетот на уапсените, само вели дека ова е еден сегмент од предистрагите што се почнати за Државна лотарија. Уште кога се предаде и се врати во земјава избеганиот поранешен директор Перпарим Бајрами, Обвинителството кажа дека се водат неколку предистраги во таа институција.

    „Во текот на денешниот ден, овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, спроведуваат претреси на дом и лица на повеќе локации. Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на кривични дела од областа на финансискиот криминал за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери и со кои се проневерени буџетски средства во износ од речиси 80 милиони денари“, кажа Финансовата полиција.

    Во моментов, во Основниот кривичен суд Скопје се води постапка против Бајрами, ексвицепремиерот Артан Груби и уште 6 обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувањата, со тоа што не смееле, а организирале игри на среќа со видеолотарија, за што биле набавени видеолотариски терминали (ВЛТ) во вредност од 9,7 милиони евра, кои уште се во сопственост на Државна лотарија.

    Постапката во судот од самиот почеток беше нарекувана „контроверзна“, а обвинението „направено за да падне“, а на рочиштето на 2 октомври излезе на површина почетничка грешка на двајцата обвинители, од кои едниот го спаси Груби од Шутка откако се врати од едногодишното бегство.

    Имено, главниот сведок на Обвинителството во овој предмет ја смени изјавата во корист на обвинетите, а двајцата обвинители не можеа да му прочитаат што кажал во Обвинителството а што збори сега во Судот, зашто во меѓувреме му го смениле статусот. Пред да стане главен сведок на судењето, во истрагата во Обвинителството тој бил осомничен.

    Така, обратно од тоа што го кажал како осомничен во истрагата, сега рече оти не го познава Артан Груби, оти не го видел Перпарим Бајрами на средби со Груби, дека не кажал оти директорот Бајрами бил под силно влијание на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби и оти за се го консултирал него.

    Не само што „главниот сведок“ го преименуваа во т. н. непријателски сведок, туку овие двајца обвинители случајно или не, му нанесоа и штета на обвинението и голема полза на обвинетите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира