СО ПРОМОТИВНИОТ ЛЕТ НА ХЕЛИКОПТЕРОТ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ СПАСЕН ЛОВЕЦ КОЈ ПАДНА ВО ПРОВАЛИЈА И СКРШИ НОГА

    СО ПРОМОТИВНИОТ ЛЕТ НА ХЕЛИКОПТЕРОТ ЗА ИТНИ СЛУЧАИ СПАСЕН ЛОВЕЦ КОЈ ПАДНА ВО ПРОВАЛИЈА И СКРШИ НОГАХеликоптерот „бел 212“, кој за првпат беше опремен со медицинска опрема и требаше да лета на симулациска вежба во Битола, но по игра на случајноста првиот лет со спасителната опрема го реализираше во реална ситуација. (Фото: ЦУК)

    Искусниот ловец Г. Ј. при лов на диви снињи во реонот на село Буковиќ, Тетовско, при случајно невнимание паднал во длабок дол со карпи и ја скршил десната нога, во пределот на потколеницата до долниот зглоб, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Беше спасен со промотивниот лет на хеликоптерот „бел 212“, кој за првпат беше опремен со медицинска опрема и требаше да лета на на симулациска вежба во Битола, но по игра на случајноста првиот лет со спасителната опрема го реализираше во реална ситуација.

    Повредениот ловец не ја соблекол чизмата, за да ја држи постабилна скршеницата и веднаш ги побарал другарите ловци кои биле распрскани околу него на теренот. Тие дошле до него, но теренот бил тешко пристапен за да можат сами да го извлечат, а повредата опасна. Се јавиле на 112 во ЦУК и бил покренат Системот за управување со кризи за спасување.

    „Медицинската екипа стигнува многу брзо до местото, според податоците за 20-ина минути, но високиот планински дол бил прооден само за искусни планинари и ловци. Имале околу 200 метри до повредениот ловец со скршеница, а не можеле да стигнат до него. Телефонски, медицинскиот тим од Итната медицинска помош давала совети, а ловците ги спроведувале. Го грееле повредениот со запалени огнови за да не добие хипотермија, ја имобилизирале повредената нога, а потоа го извлекле до попристапно место“, соопштија од ЦУК.

    Паралелно, дежурните од 112 во ЦУК, побарале хеликоптер на што од МВР, веднаш било одговорено. Во паралелна комуникација меѓу ЦУК, МВР и Итната медицинска помош, ловците по извлекувањето на повредениот на попристапно место почнале да ги сечат високите гранки и грмушки за да може поблизу да пристапи хеликоптерот „бел 212“ на Хеликоптерската единица на МВР. Ловечките фосфорно портокалови елеци ги употребиле како маркери за побрзо лоцирање од пилотите кои пристапиле од воздух. Сите координирано ги извршиле постапките за што побрзо, а за оптимално спасување и транспортирање на повредениот до болница за натамошна постапка.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира