„ЕКО-СВЕСТ“ ГИ ОСПОРИ ЕЛАБОРАТИТЕ ЗА МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО УСТАВНИОТ СУД

    „ЕКО-СВЕСТ“ ГИ ОСПОРИ ЕЛАБОРАТИТЕ ЗА МАЛИТЕ ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВО УСТАВНИОТ СУДОд „Еко-свест“ велат дека ваквите проекти можат да има значително влијание врз животната средина, природата и биолошката разновидност (Фото: СДК.МК)

    Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ ги оспори во Уставниот суд законските одредби и уредбите кои овозможуваат да се градат мали хидроцентрали само со елаборати за животната средина. Оттаму додаваат дека се решиле на ваков чекор затоа што за одредени проекти, Законот за животната средина не предвидува детална оценка на влијанието врз животната средина, со што не им се овозможува на јавноста и на локалните заедници да добиваат информации за овие постапки и да учествуваат во нив.

    Уставноста и законитоста на наведените акти се оспорува од причина што овој тип на проекти може да има значително влијание врз животната средина, природата, биолошката разновидност, состојбата на определени екосистеми и врз рационалното и одржливо користење на природните богатства“, се вели во иницијативата доставена до Уставниот суд.

    Еко-свест“ како најкарактеристични примери ги наведува малите хидроелектрични централи што се градат во заштитени подрачја или на водотеци со висок квалитет на водата и значајни ендемични видови. Други примери се рудникот за јаглен на локалитетот Забрдо во Општина Новаци, со кој е уништен значаен археолошки локалитет, гасоводот Свети Николе-Велес, концесии за каменоломи во мали региони и фотоволтаични централи предвидени на живеалишта значајни за заштита на европско ниво.

    Во реалноста, најголем дел од елаборатите прават несоодветна проценка на влијанијата од проектите поради што се предизвикува значителна деградација на природата, се нарушува функционирањето на екосистемите и се прави загадување и неконтролирана експлоатација на камен, песок и минерални суровини. На овој начин се дозволуваат градежни работи и вршење дејности врз основа на општи насоки и субјективни толкувања, без прецизни и мерливи критериуми, во постапка која не била јавна и немало јавна дебата и поднесување граѓански предлози“, вели Симона Трајковска од „Еко-свест“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира