КЛИНИКАТА ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ДОБИ РОБОТ ЗА ПАЦИЕНТИ СО ТЕШКИ ОШТЕТУВАЊА ВО ОДЕЊЕТО ВРЕДЕН 940.000 ЕВРА

    КЛИНИКАТА ЗА РЕХАБИЛИТАЦИЈА ДОБИ РОБОТ ЗА ПАЦИЕНТИ СО ТЕШКИ ОШТЕТУВАЊА ВО ОДЕЊЕТО ВРЕДЕН 940.000 ЕВРААпаратот за роботска рехабилитација ќе се користи на товар на Фондот за здравствено осигурување. (Фото: Министерство за здравство)

    Клиниката за физикална медицина и рехабилитација во Козле (поранешен Завод за рехабилитација) доби апарат за роботска рехабилитација Локомат, вреден околу 940 илјади евра (57.983.430 денари). Апаратот го купи Министерството за здравство, а денеска го претставија, како што објави агецијата МИА, министерот за здравство Фатмир Меџити и заменичката-министерка Маја Манолева. Според Меџити, ваква опрема првпат се набавува во јавното здравство.

    Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. Овие оштетувања во телесните функции и активности може да бидат предизвикани од различни болести, како невролошки заболувања, повреди на мозокот (поради мозочен удар или траума), повреда на ‘рбетниот мозок и церебрална парализа.

    Апаратот за роботска рехабилитација е наменет за интензивна рехабилитациска терапија на пациенти со тешко до умерено оштетување на способноста за одење и функционална подвижност. (Фото: Министерство за здравство)

    „Според стручните проценки роботската рехабилититација ќе има можност да се спроведува кај околу 30 пациенти месечно, а ќе бидат опфатени и болнички и амбулантски пациенти. За управување со новата опрема спроведена е специјална стручна обука со инструктор од Швајцарија на шест физиотерапевти од оваа клиника кои и претходно имаат искуство во рехабилитацијата на ваквите пациенти“, рече Манолева.

    За тоа како ќе може пациентите да дојдат до овој робот, Манолева кажа дека оваа процедура која што ќе биде воведена во институцијата ќе биде ставена на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

    „Пациентите ќе треба да го остварат само делот во партиципацијата. Веќе сме во завршна фаза. Вчера ги финиширавме преговорите со ФЗОМ и секако проценката ќе биде на лекарскиот колегиум за пациентите коишто ќе треба да бидат вклучени на оваа процедура. Штом ќе ја добиеме  цената, ќе се вметне посебен пакет за оваа здравствена услуга којшто ќе се внесува и сето тоа ќе ја диктира партиципацијата. Можам само да ви посочам дека во регионот еднодневна терапија на ваков локомат чини од 120 до 170 евра еднодневна терапија, дополнително сите други трошоци. Така што, се надевам дека она со што ќе учествуваат нашите пациенти ќе биде навистина минимално во споредба со онаа цена која што ја имаме во регионот“, појасни Манолева.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира