ПЕНДАРОВСКИ ГИ ОДЛИКУВАШЕ ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ, БАЈРУШ МЈАКУ, КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, АВТОРИТЕ НА „К-15“ И АЛБАНСКИОТ ТЕАТАР

    ПЕНДАРОВСКИ ГИ ОДЛИКУВАШЕ ГОЦЕ ТОДОРОВСКИ, БАЈРУШ МЈАКУ, КОЛЕ АНГЕЛОВСКИ, АВТОРИТЕ НА „К-15“ И АЛБАНСКИОТ ТЕАТАРПретседателот Пендаровски ги врачи признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија. (Фото: Претседател на РСМ)

    Шестмина уметници, медиумски работници и Албанскиот театар ги добија признанијата Орден за заслуги, Медал за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија, што вечерва ги додели претседателот Стево Пендаровски на свечена церемонија. Со Орден за заслуги одликувани се актерите Гоце Тодоровски и Бајруш Мјаку и режисерот и актер Коле Ангеловски. Медал за заслуги им беше врачен на Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Лупчо Каров, авторите на хумористичната емисија „К-15“, а Албанскиот театар ја доби Повелба на Република Северна Македонија.

    „Гоце Тодоровски се одликува за исклучителен и неповторлив придонес во развојот, популаризацијата и афирмацијата на театарската уметност. Со својот уникатен актерски талент се вмрежи во нашите срцa оставајќи неизбришливи траги во нашата историја, култура и традиција. Бајруш Мјаку се одликува за неговата тридецениска кариера како еден од најзначајните актери во современиот македонски театар. Toj се втемели како една од централните театарски фигури во Македонија. Коле Ангеловски се одликува за 60-годишната богата уметничка кариера како една од најкомплексните фигури на македонскиот театар и филм. Неговиот актерски, а пред сè режисерски опус остава длабока трага во меморијата на широката публика, неговото творештво е широко вреднувано и со непроценливо значење за целокупниот развој и популаризација на театарската и филмската уметност“, се вели во образложението за добитниците на Орденот за заслуги.

    Авторите на „К-15“ се одликуваат за „за неповторливото хумористично шоу „К-15“, преку коешто пренесуваат уникатна социјална, политичка и економска сатира за состојбите во македонското општество“, а Албанскиот театар за седумдецениското постоење при што „се етаблираше во една од водечките уметнички институции којашто остварува особено значајна културна, образовна и естетска дејност во македонското општество, како и за непроценливиот придонес во развојот на современиот театар во Македонија“.

    Претседателот Пендаровски рече дека во изминативе четири и пол години од мандатот доделил значаен број на признанија и одликувања на навистина исклучителни поединци и етаблирани институции.

    „За жал, во некои случаи тоа беше постхумно или задоцнето, затоа што и кога постои волја, не можете во само неколку години да го исправите тоа што не било направено со децении. Меѓутоа, најважно е тие личности и институции, од својата држава, да не бидат заборавени. Верувам дека заедно со Комисијата за доделување на признанија и одликувања, во изминатиов период успеавме да им направиме чест на многумина кои тоа го заслужуваат и да го валоризираме нивниот формативен придонес во животот на многу генерации. Денес продолжуваме по тој пат со доделуваьето на Повелба на една од нашите врвни културно-уметнички установи, како и со доделувањето на три медали и три ордени за заслуги на наши истакнати, актери, режисери и медиумски личности кои се неотуѓив дел од македонската култура“, рече Пендаровски.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира