2024 ќе биде годината кога светот ќе одлучи дали ќе остане на демократскиот пат или ќе западне во автократија.
Годинава речиси половина од светската популација, околу 3,8 милијарди луѓе, оди на избори. Од САД до Велика Британија и Европската унија, од Индија до Мексико и од Тајван до Индонезија, некои од стратешки најважните земји во светот ќе одржат избори годинава.
И покрај овој наплив на избори и гласање, експерти предупредуваат дека демократијата, влегува во опасна зона.
Не само што диктатори како рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, ќе се обидат да ги експлоатираат слабите точки на демократијата за да ја зацврстат власта и да ја задушат опозицијата, туку и демократијата на Западот е во опасност.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се заканува да искористи демократските институции против своите политички ривали ако победи на изборите во ноември. Неговиот потенцијален реизбор веќе предизвикува паника во Европа дека тој ќе ѝ го сврти грбот на Украина и на НАТО и ќе му овозможи на Путин да прави што сака во централна и источна Европа.
Во Европа, изборите за европскиот парламент во јуни може да донесат големи придобивки за партиите од крајната десница, посебно во Франција и Германија. Големото прашање е дали овие партии ќе ги поткопаат темелите на европската демократија, откако ќе дојдат на власт преку гласачките кутии.
„Апсолутно е легитимно да се биде многу загрижен за состојбата на демократијата во светот“, вели Даниел Келемен, професор од Универзитетот Џорџтаун и експерт за правото на ЕУ.
„Демократијата насекаде се соочува со предизвици, не само на места кои што се долу на листите за демократски вредности, туку и во етаблирани демократии како САД и Европската унија“, додава тој.
Првите важни избори се во Тајван на 13 јануари, и тие ќе бидат тест дали кинескиот претседател Си Џинпинг ќе продолжи да толерира демократија на островот или ќе изврши инвазија и ќе предизвика голема безбедносна криза во југоисточна Азија.
Според студија на Универзитетот Гетеборг во Шведска, демократијата рапидно го губи тлото на сметка на автократијата во изминатите неколку децении.
Ширум светот, „нивото на демократија кои го ужива просечниот глобален граѓанин во 2022 година е вратено на назад на нивото од 1986 година“, велат истражувачите од Шведска во извештајот за 2023 година.
„Во моментов има повеќе затворени автократии од либерални демократии, за првпат по повеќе од две децении“, се вели во извештајот.
Во Европа, довербата во функционирањето на европската демократија е во опаѓање во неколку големи земји од ЕУ, вклучувајќи ги Франција и Италија, според истражување на ИПСОС објавено минатата година.
Пред изборите за европскиот парламент, десничарските партии се во подем во Франција, Холандија, Германија и други големи земји во ЕУ. Дури и ако овие партии не успеат да освојат мнозинство, ќе имаат поголемо влијание врз политиките на ЕУ ако поминат добро на изборите во јуни.
„Ова е година кога може да видиме распад на поредокот базиран на правила“, вели Алберто Алемано, професор по европско право од Франција
„Тоа е непозната територија“, додава тој.
Претседателски и парламентарни избори ќе има и во Македонија пролетва.