ЗАЧУВАНИ ПОШТЕНСКИ МАРКИ СТАРИ ПО 105 ГОДИНИ СЀ ДО ПРЕПИСКИТЕ НА ТАТ, АРХИВОТ ГО СПАСИ ОД ЗАБОРАВ ФИЛАТЕЛИСТИЧКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛА

    ЗАЧУВАНИ ПОШТЕНСКИ МАРКИ СТАРИ ПО 105 ГОДИНИ СЀ ДО ПРЕПИСКИТЕ НА ТАТ, АРХИВОТ ГО СПАСИ ОД ЗАБОРАВ ФИЛАТЕЛИСТИЧКИОТ КЛУБ ОД БИТОЛАПоштенски марки оиздавани во Кралството СХС. /Марки од писмените преписки на менувачницата ТАТ во 1990-тите. (Фото: СДК.МК)

    Поштенски марки од пред 105 години издавани во Кралството СХС се меѓу најстарите филатилистички експонати зачувани во Битолското одделение на Државниот архив. Во оваа збирка, која сведочи колку ова колекционерство било популарно меѓу битолчани во времето кога писмата имале посебна магија, се наоѓаат и грчки марки, но најголем дел од времето на Југославија. На нив се прикажани Плаошник, мотиви од Илинден по повод 50-годишнина од востанието, портретот на Никола Карев објавена во 1953, Црешовото топче во 1958, Мирче Ацев во 1951, Крушево, Тешкото, Шаховската олимпијада во Скопје 1972 и други.

    Зачувани се и поштенски марки од 1962 по повод 60-годишнината од весникот „Борба“, Олимпијадата во Сараево 1984, како и првите поштенски картички со ликот на Кочо Рацин од 22.12.1983 на кои со штембиљ пишува „Први дан“, што укажува дека биле првите пуштени во продажба и имале големо значење за филателистите. Има и марки од писмените преписки на менувачницата ТАТ, најголемата пирамидална финансиска измама во Македонија од 1990-тите.

    Збирка поштенски марки. (Фото: СДК.МК)

    Во битолскиот Архив зачуван е „Фондот 993 Филателистички клуб-Битола“ за кого истражување во списанието „Македонски архивист“ деновиве објави Марија Дурлова, советник во Архивот. Нејзиниот труд и зачуваните материјали се единствениот спомен за заборавениот битолски филателистички клуб. Се претпоставува дека бил основан во 1946  и постоел до 1982.

    Марија Дурлова од Архивот деновиве објави истражување во списанието „Македонски архивист“ . (Фото: СДК.МК)

    „Фондот е примен без попис и опис во периодот од 2000 до 2008. Во евиденцијата на досиеја не постои досие на имател. Според кажувањето на Ружа Богдановска, административен работник во КУД ‘Стив Наумов’ во 2022 , материјалот од Филателистичкиот клуб е предаден на стручни лица од Архивот на нејзино инсистирање. Тие заедно со Филателистичкиот клуб делеле заеднички простории на Широк Сокак, па на тој начин документацијата од Клубот останала во просториите на КУД“, вели Дурлова.

    Фондот се состои од една архивска кутија и четири архивски книги, со вкупно 102 архивски единици и 450 листови, претежно со документација, фотографии, изданија од весникот „Битолски филателист“, списоци со членови и друго. Во документацијата има податок дека првиот филателистички клуб во Битола бил создаден на 27 октомври 1935. Во клубот што постоел по ослободувањето најмногу членови дури 500 имал во 1972. Имал управни тела, па дури и Суд на честа.

    Поштенска картичка со ликот на Кочо Рацин. (Фото: СДК.МК)

    „Членувале многу значајни личности од општествениот живот на Битола кои оставиле трага во сите области и тоа, епископот Климент – првиот македонски митрополит на Преспанско-битолската епархија, Ѓорги Грамосли, Коста Догу кој неформално се смета за прв архивист во Битола, со оглед на неговата пасија за собирање и колекционирање на документи меѓу двете светски војни, историчарот Ѓорѓи Димовски-Цолев, докторите Хаим Абраванел и Јован Калаузи, Димитрие Османли, Ѓорѓи Оџаклиевиќ и Нико Сервини – едни од најстарите филателисти во Битола, Емилијан Вилос и многу други“, вели Дурлова.

    „Документацијата за клубот се чува на соодветно место кое ќе овозможи вечност на споменот за клубот. Овој фонд е уште еден доказ за важноста на Државниот архив како трезор на историјата. Оваа институција ќе овозможе доказот за постоењето и работата на овој клуб да живее засекогаш. Во спротивно, можеби споменот за клубот ќе живееше онолку долго колку што ќе живеат неговите последни членови“, додава Дурлова.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира