Австријката Марлен Енгелхорн бара помош од јавноста како да подели најголем дел од парите што ги наследи од нејзината баба. Триесет и едногодишната Енгелхорн, која живее во Виена, сака 50 Австријци да одлучат како да се дистрибуираат 25 милиони евра од нејзиното наследство.
„Наследив богатство, а со тоа и моќ, иако ништо не сум направила за тоа. А, државата дури не сака да наплати данок“, изјави таа.
Австрија го укина данокот на наследство во 2008 и е една од ретките европски држави во која тој не постои. Енгелхорн смета дека тоа не е праведно.
Таа е потомок на Фридрих Енгелхорн, основачот на германската хемиско-фармацевтска компанија „БАСФ“ и наследи милиони по смртта на баба ѝ. Американскиот магазин „Форбс“ го процени богатството на Труди Енгелхорн-Векијато на 3,8 милијарди евра и Марлен претходно кажа дека сака да подари 90% од нејзиното наследство.
Денеска, 10.000 случајно избрани Австријци добија покана за учество во иницијативата на Енгелхорн, од кои ќе бидат селектирани 50-мина.
„Ако политичарите не сакаат да го поделат моето богатство, јас самата ќе го направам тоа. Многумина се мачат да преживеат со својата секојдневна работа и плаќаат данок за секое евро што го заработуваат. Тоа е грешка на политиката“, кажа Енгелхорн.
Таа додаде дека нема да има право на вето, туку парите ќе бидат поделени онака како што ќе одлучат овие 50 граѓани.