САД и Велика Британија лансираа напади од воздух и море против цели на хутските бунтовници во Јемен како одговор на нивните напади на бродови во Црвеното Море, што претставува драматично ширење на војната помеѓу Израел и Хамас во Газа. Додека експлозии одекнуваа низ Јемен, американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека САД нема да се двоумат да преземат дополнителни акции ако биде потребно.
„Овие насочени напади се јасна порака дека САД и нашите партнери нема да толерираат напади на нашиот персонал или да дозволат непријателски активности со кои се загрозува слободата на пловењето“, изјави Бајден.
Британското министерство за одбрана соопшти дека „првите назнаки упатуваат на тоа дека способноста на Хутите да напаѓаат трговски бродови претрпела сериозен удар“.
Иран, кој ги поддржува хутите, ги осуди нападите, додека портпаролот на бунтовниците кажа дека нема оправдување за нападите и дека ќе продолжат да ги напаѓаат бродовите кои одат кон Израел. Хутите велат дека нападите на трговските маршрути во Црвеното Море се знак на поддршка на Палестинците и Хамас.
Според американскиот министер за одбрана Лојд Остин, кој е во болница по операцијата на рак на простата, во првиот напад на јеменската територија од 2006 биле лансирани повеќе од 100 дронови и балистички и крстосувачки ракети. Притоа биле погодени 60 цели на 16 локации, вклучувајќи го и главниот град Сана. Операцијата ја поддржале и Канада, Холандија, Бахреин и Австралија.
Лидерот на хутите, Мохамед ал-Букаити, кажа дека „САД и Британија наскоро ќе сфатат дека нападите врз Јемен биле најголемата глупост во нивната историја“.
Хутите се вооружена група од подсекта на јеменското шиитско муслиманско малцинство, Заиди. Тие се викаат според основачот на движењето, Хусеин ал Хути. Формално позната како Ансар Алах (Божји партизани), групата беше формирана во 1990-тите за да се бори против корупцијата на тогашниот претседател Али Абдула Салех. Претседателот Салех, поддржан од војската на Саудиска Арабија, се обиде да ги елиминира бунтовниците хути во 2003, но хутите ги победија.