Личните карти без „Северна“ се лични документи кои што се за внатрешна употреба и тие ќе важат и по 12 февруари, кажа денеска премиерот Димитар Ковачевски, додека за пролонгирање на рокот за замена на пасошите со „Република Северна Македонија“, ќе се разгледа секоја иницијатива.
„Личните документи, имате неколку типови на лични документи, оние кои што се за внатрешна употреба како на пример личните карти, ќе важат. Пасошите не се вадат заради институциите, туку за да можат граѓаните да патуваат надвор. Секоја иницијатива, јас кажав дека може да биде разгледана“, кажа Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по говорот на панел-дискусија на економски теми во Скопје.
Рокот од пет години за замена на личните документи на граѓаните со новото уставно име на државата истекува на 12 февруари, согласно уставните амандмани кои што произлегоа од Преспанскиот договор со Грција.
Ковачевски рече дека досега од МВР се издадени 1,2 милиони пасоши и поради тоа треба да им се кажа „фала“ на вработените таму.
„Знам дека сите сакаат повеќе да критикуваат, меѓутоа треба да се каже и фала на тие вработени кои работат деноноќно, и на сликање на граѓаните, и на изработката на документите, и на издавање на документите, така да 1,2 милиони пасоши не е мала бројка. Ние ќе ги испитаме сите можности со цел доколку биде потребно да се направи пролонгирање во делот на пасошите, бидејќи тие им служат за граѓаните да можат да патуваат надвор од земјата“, рече Ковачевски.