САМО МИРЧЕ НЕШОВСКИ Е КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ ОТКАКО МИНЕВСКИ СЕ ПОВЛЕЧЕ, А СЕ ОТКАЖА И АНТОНОВСКИ, ЕДИНСТВЕНИОТ ПРИЈАВЕН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТО

    САМО МИРЧЕ НЕШОВСКИ Е КАНДИДАТ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ ОТКАКО МИНЕВСКИ СЕ ПОВЛЕЧЕ, А СЕ ОТКАЖА И АНТОНОВСКИ, ЕДИНСТВЕНИОТ ПРИЈАВЕН ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СОБРАНИЕТОЗакажаното продолжение на седницата за вонредното изборно собрание на ДПМ (од 25 ноември 2023), ќе се одржи на 27 јануари во 11 часот во просториите на ДПМ. (Фото: Архива на ДПМ)

    Писателот Иван Антоновски денеска ја повлече кандидатурата за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), а писателот Блаже Миневски вчера ја повлече кандидатурата за претседател на Друштвото. Антоновски беше единствен кандидат за претседател на Собранието,  а за претседател на писателската асоцијација останува само пријавата на Мирче Нешовски.

    Закажаното продолжение на седницата за вонредното изборно собрание на ДПМ (од 25 ноември 2023), ќе се одржи на 27 јануари во 11 часот во просториите на ДПМ.

    „По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција. Сепак, сметам дека имам морална обврска да се обратам до вас и да ве известам дека и формално го преземам овој чекор, затоа што ставовите и програмските определби од мојата кандидатура, всушност, беа одраз на тоа што голем дел од членството го чувствува и го изрази како потреба. Верувам дека потребата од заложби за модернизација и транформација на македонската писателска асоцијација и натаму е силна, иако, по сето она што го посведочивме во овој период, јасно е дека патот ќе биде уште подолг и потежок“, изјави Антоновски.

    Миневски ја повлече кандидатурата после емисијата „25 минути“ на новинарката Биљана Секуловска, во кое има интервју со Соња Стојменска-Елзесер, поранешна претседателка на ДПМ.

    „Поради непроменетата состојба во врска со избирачкиот список, начинот на (не)информирање на членството и неисплатените патни трошоци на членовите од внатрешноста што присуствуваа на Вонредното собрание, како и поради информациите во врска со нелегитимноста на изборните процеси и раководењето на ДПМ што се појавија во јавноста, ја повлекувам мојата кандидатура за претседател на ДПМ и нема да присуствувам на закажаното продолжување на вонредното Изборно собрание на Друштвото“, вели Миневски.

    Миневски подвлекува дека во изминатите два месеца, од 25 ноември минатата година не е направено ништо за Вонредното изборно собрание да бидат известени оние 65-мина од 285-те члена на ДПМ, кои немаат електронски адреси и не добиваат ниту покана ниту материјали за учество во работата на Собранието.

    „Актуелното (не)легитимно раководство не предложи решение ниту за 29-те члена на ДПМ што живеат во странство, кои, ако веќе не можат да гласаат електронски, барем да не влегуваат во списокот за кворум, односно да се евидентираат и да гласаат само доколку физички се присутни на седницата. Не покажа коректен однос дури ни кон членовите со најдолг стаж во ДПМ, меѓу кои и класици на современата македонска книжевност, со тоа што не ги консултира дали се во можност физички да присуствуваат на седниците на Собранието или пак да се изнајде начин како да бидат вклучени во работата на највисокото тело на македонската писателска асоцијација“, вели Миневски и додава дека „можеби единствен начин за излез од катастрофалната состојба е евентуалната можност да се активира Советот на ДПМ (поранешните претседатели) и/или членството да избере привремена управа за надминување на кризата“.

    Вонредното собрание беше закажано откако на 9 октомври претседателот Христо Петрески поднесе неотповиклива оставка поради здравствени причини, по што Кристина Николовска, претседателка на Собранието свика Вонредно изборно собрание. На 14 октомври, Петрески ја повлече неотповикливата оставка и рече дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“. На 15 октомври, 21 проминентен член од различни генерации на Друштвото на писателите на Македонија јавно ја повикаа Николовска, во согласност со Статутот на ДПМ, да подготви и да испрати до членството Дневен ред како и Деловник за Вонредното изборно собрание.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира