ИСПИТУВАМЕ СЀ ПОВЕЌЕ КАРЦИНОМИ ВО НАПРЕДНАТ СТАДИУМ, НА 100 ИЛЈАДИ ЖЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА ЗАБОЛУВААТ 20, ВЕЛАТ ПАТОЛОЗИТЕ

    ИСПИТУВАМЕ СЀ ПОВЕЌЕ КАРЦИНОМИ ВО НАПРЕДНАТ СТАДИУМ, НА 100 ИЛЈАДИ ЖЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА ЗАБОЛУВААТ 20, ВЕЛАТ ПАТОЛОЗИТЕД-р Горан Димитров, проф.д-р Рубенс Јовановиќ и д-р Виолета Клиисаровска на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    Патолозите изминативе години добиваат примероци со карциноми во многу напреднат стадиум, а висока е и инциденцата од 20 нови случаи со карцином на грло на матка на 100 илјади жени, се дел од заклучоците на денешната прес-конференција на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, во соработка со Здружението на патолози и Македонското здружение за радиологија и онкологија, во чест на Неделата за превенција од канцер на грлото на матката (22 до 28 јануари).

    „Околу 600 илјади жени на европско ниво заболуваат. Половина од нив ја губат борбата со болеста. Инциденцата, за жал, покажува една нехомогена дистрибуција, што во најголем дел ги афектира земјите во развој, меѓу кои и нашата земја. Дистрибуцијата е нехомогена и во однос на морталитетот, повторно со највисок морталитет во земјите во развој. Во Македонија, инциденцата се движи некаде на 20 нови случаи на 100 илјади жени што е прилично висока инциденца, ако споредиме со она кон што треба да се стремиме, два до четири нови случаи на 100 илјади жени“, рече претседателката на Асоцијацијата за радиологија и онкологија, д-р Виолета Клисаровска.

    Д-р Клисаровска кажа дека ракот на грло на матка ги погодува младите жени во репродуктивната фаза од нивниот живот, со најголемо возрасно засегање во популацијата од 45 до 50-годишна возраст. Но, клиничката пракса покажува дека се зголемува процентот и на жени кои се помлади и од 35 години.

    Претседателот на Здружението на патолози, проф.д-р Рубенс Јовановиќ, рече дека како патолог мора да ја нагласи  тенденцијата последниве години, особено по ковид-19, дека за дијагностика добиваат оперативни примероци со многу напреднати карциноми во многу напреднат стадиум.

    Д-р Димитров, проф. д-р Јовановиќ, д-р Клисаровска, специјалната претставничка на СЗО за Македонија Ане Јохансен, шефица на канцеларијата на УНФПА Афродита Шаља и проф. д-р Александра Грозданова на денешната прес-конференција. (Фото: К. Попов)

    „Тоа прво ни троши и персонални и лабораториски дијагностички ресурси. Кога дел од тие средства, само дел од тие средства, би биле соодветно пренаменети во адекватен скрининг, мислам дека тоа многукратно би се исплатило. Не смееме да го гледаме скринингот како трошок, туку повеќе како сигурна инвестиција, што секако се исплаќа на рок од пет до 10 години“, рече проф. д-р Јовановиќ.

    Претседателот на Македонското лекарско друштво и Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, д-р Горан Димитров често апелира дека во земјава треба да се воведе ХПВ скрининг како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто. Тој кажа дека  уште од 2017 година работна група има изготвено протокол, околу тоа како полека треба да се оди кон тоа ХПВ да биде како примарен скрининг и оти се надева дека тоа наскоро ќе се реализира.

    Според националната координаторка за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, ХПВ вакцината е несомнено едно од најважните откритија на 21. век.

    „Зошто да примаме терапија кога имаме вакцина?“, рече таа и кажа дека од од оваа година во Македонија ќе се користи деветвалентната вакцина и оти се надева дека наскоро со оваа вакцина ќе може да се вакцинираат и момчињата во земјава.  Од мај лани, ХПВ вакцината може да се прима и до 19 години. Според редовниот Календар за имунизација, оваа вакцина девојчињата може да ја примат на 12 години (две дози), на 15 години (3 дози) и на 19 години.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира