ДА СЕ ВОВЕДЕ ХПВ-СКРИНИНГ ПОРАДИ ВИСОКИОТ ПРОЦЕНТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, БАРААТ ГИНЕКОЛОЗИТЕ

    ДА СЕ ВОВЕДЕ ХПВ-СКРИНИНГ ПОРАДИ ВИСОКИОТ ПРОЦЕНТ НА ЗАБОЛЕНИ ОД РАК НА ГРЛО НА МАТКА, БАРААТ ГИНЕКОЛОЗИТЕЛекарите велат дека на годишно ниво, на 100 илјади жени 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. (Фото: СДК.МК)

    ХПВ тестирањето да се воведе како примарен скрининг, оти има точност од 99, 99 отсто, бара проф. д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за цервикална патологија и колпоскопија и на Македонското лекарско друштво. Д-р Димитров, кој повеќе од 3 децении се занимава со стратегија и превенција за рак на грлото на матката, говореше за предностите на ХПВ-скринингот на панел-дискусијата „Пристап до третман и до услуги за рано детектирање“, во чест на 4 Февруари, Светскиот ден на борба против ракот, организирана од Европската куќа Скопје.

    „Кога говорам во име на стручното здружение, можам да кажам дека ако некаде не паѓа бројот тоа е бројот на заболени од рак на грло на матка, т. е. цервикален карцином. Тоа е пред сѐ поради многу малиот степен на вакцинираност. Во 2006 се случи епохалното откритие, добивме прва една вакцина да штити од рак, тоа е ХПВ вакцината. Тогаш беше одобрена од Американската агенција за храна и лекови и веќе од 2009  почнува да се вакцнира во нашата република. Почетните резултати беа одлични, дури имавме подобра покриеност на вакцинирани 12-годишни девојчиња, некаде околу 66 проценти, подобра и од средната покриеност во САД. Со тек на време, денес имаме е 30-40 отсто што е многу малку. Иако нашите здруженија, професионалците и една експертска група заедно со Министерството за здравство 2016/2017 година ги издадовме препораките, сепак сѐ уште не се оди по тие препораки“, рече д-р Димитров.

    ХПВ вакцината е задолжителна вакцина, предвидена во Календарот за имунизација. Задолжителните вакцини се примаат во вакциналните пунктови во здравствените домови, во рамки на работното време секој работен ден, без претходно закажување.

    Карциномот на грлото на матката е една од најревентибилните болести, продолжува тој. Ако е еднаш измислен првиот скрининг, тогаш тоа е измислен за ракот на грлото на матката со епохалното откритие Папаниколау брис. Меѓутоа, со текот на времето , со развивањето на новите методи, се увидува дека тој има големи проценти на лажно негативни тестови.

    Затоа, некаде кон крајот на минатиот век и почетоков се оди кон тоа да се воведе ХПВ тестирање како примарен скрининг.

    „Ние ги дадовме препораките во октомври 2017 во Министерството за здравство и секогаш кажуваме една реченица од професорот Марк Арбин, епидемиолог од Белгија, кој тврди дека два ХПВ теста се поевтини од еден ПАП тест. Затоа што, ако е толку голема точноста на ХПВ тестот во откривањето на предраковите промени, нема да дојде до рак на грлото на матката, нема да дојде до огромни трошоци кои се импелментираат во лечењето на веќе заболените. Нашата препорака, а и во сите земји во Европа, е дека ХПВ тестирањето мора да се воведе како најдобар метод за скрининг. Цитологот Леополд Кост, тој е еден од најголемите имиња на цитологијата, вели дека ако порано ПАП тестот во цитологијата беше триумф, сега е трагедија. Затоа, се препорачува во сите финансиски сетинзи, во сите земји да се воведе ХПВ тестот како примарен скрининг, како права алатка во скенирањето на ракот на грлото на матката“, вели д-р Димитров.

    „Кога говорам во име на стручното здружение можам да кажам дека ако некаде не паѓа бројот тоа е бројот на заболени од рак на грло на матка, т. е. цервикален карцином. Тоа е пред сѐ поради многу малиот степен на вакцинираност“, вели д-р Димитров. (Фото: Европска куќа Скопје)

    На прес-конференцијата на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија, Македонското здружение на радиолози и Македонското здружение за патологија на 24 јануари, по повод Недела на борба против ракот на грлото на матката, лекарите кажаа дека на 100 илјади жени на годишно ниво, според податоците од последните неколку години, 20-21 заболуваат од рак на грло на матка, што е доста висок процент. Потребно е подигање на јавната свест за што помасовна ХПВ вакцинација кај девојчињата и ХПВ примарен скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години. Тие кажаа дека ХПВ тестирањето е статистичка метода со која се покажува дека практично жената којашто има високоризичен тип носи огромен ризик да има преканцероза и на тој начин рано се открива и се лекува, со што се спречува да дојде до инвазивен рак.

    „Примарен ХПВ-скрининг – тоа значи дека на почетокот на одредена популација се земаат примероци од грло на матка и се тестираат за присуство на ХПВ вирусот следено со негова генотипизација односно одредување на генотипот на вирусот, односно дали се работи за ниско или високо ризичен. Повеќе европски земји практикуваат примерен ХПВ-скрининг, со тоа што скринингот се спроведува кај жените на возраст од 25 до 65 години. Утврдено е во тој скрининг да не спаѓаат жените од помладата возрасна група од 21 до 25 години, бидејќи бројот на инфекции кај таа возрасна група е голем и анализите покажуваат дека најголем дел од тие инфекции спонтано ќе се елиминираат и само во помал процент вирусот ќе премине во интегративна фаза“, кажа тогаш професорот Рубенс Јовановиќ.

    Јовановиќ додаде дека на здравствените власти им е даден предлог за спроведување на примарен ХПВ-скрининг.

    „Доколку нашиот здравствен систем тргне со примарно ХПВ тестирање треба да повнимаваме тоа да се одвива по строги протоколи, со строги тестови, бидејќи од повеќе од 480 тестови достапни на пазарот само 14 се валидирани, а само четири се одобрени од Американската агенција за храна и лекови. Ќе треба многу да се внимава, бидејќи многу е важно, доколку се одлучиме за ваков тип на примарен скрининг, сите лаборатории коишто ќе бидат инволвирани во тој скрининг да користат иста методологија и исти тестови за да имаат компарабилни резултати“, истакна Јовановиќ.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Министерството за здравство дали се планира да се воведе ХПВ-скрининг, а од таму ни рекоа дека во рамки на заложбите за заштита на женското здравје, се организира скрининг за рана детекција на рак на грло на матка.

    За закажување превентивен преглед за рана детекција на рак на грлото на матката достапна е веб платформата скрининг.мк. Од април 2022 до крајот на 2022 година, веб платформата ја искористиле вкупно 17.204 пациентки, од кои за 12.194 пациентки е земен ПАП тест. Со организиран скрининг за 2022 се опфатени жените на возраст од 36 до 45 години, кои во последните три години немаат направено ПАП тест. За тековната 2023 се продолжува со организираниот скрининг за жени на возраст од 21-59 години кои во последните три години немаат направено ПАП тест.

    Дополнително, вели Министерството, во рамки на Програмата за рана детекција на малигни заболувања се реализира проектот Мобилна гинеколошка амбуланта, со која се олесни пристапот до гинеколошки услуги на жените од руралните места.

    „Активностите на мобилните гинеколошки амбуланти се реализираат во соработка со Универзитетската Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје (преку вклучени 40 доктори – специјалисти по гинекологија и акушерство и околу 80 медицински сестри/техничари), со Македонското лекарско друштво (МЛД), Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), и Црвениот Крст на Република Северна Македонија.

    Во текот на 2022  беа реализирани околу 220 теренски посети, со кои беа опфатени околу 2.000 жени и девојки кои живеат во тешко достапни региони и региони каде што нема матичен гинеколог како: Македонски Брод, Демир Капија, Делчево, Старо Нагоричане, Конче, Чешиново, Облешево, Ранковце, Чашка, Могила, Василево, Врапчиште, Теарце, Липково, Градско, Крушево, Дојран, Центар Жупа, Дебарско“, велат од Министерството.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира