Украина планира да почне изградба на четири нови нуклеарни реактори ова лето или есен, најави министерот за енергетика Герман Галушченко, додека земјата се обидува да надомести за изгубените енергетски капацитети поради војната со Русија.
Сите четири реактори ќе бидат изградени во нуклеарната централа Хмелницки во западниот дел на земјата. Две единици ќе бидат засновани на опрема од руско производство што Украина сака да ја увезе од Бугарија, а останатите две ќе користат западна технологија.
„Мислам дека изградбата ќе почне во лето или есен. Сакаме веднаш да ги направиме третата и четвртата единица“, кажа Галушченко.
Овие две единици почнаа да се градат во 1980-тите, но никогаш не беа довршени.
Од осамостојувањето во 1991, Украина има изградено три нуклеарни реактори, по еден во централите Запорожје, Хмелницки и Ривне. Трите централи кои се наоѓаат на територијата под контрола на Украина денес произведуваат 55% од струјата потребна за земјата и Киев сака да го прошири секторот за да надомести за загубата на Запорожје, која ја држат руските сили уште од раната фаза на војната.
„Со третата и четвртата единица во Хмелницки сакаме да надоместиме за Запорожје и сега разговараме со бугарските партнери за овие два реактора. Ако брзо ги добиеме реакторските садови, мислам дека за две и пол години би имале спремен трет реактор“, кажа Галушченко.