Норвешката министерка за високо образование Сандра Борх, која ја предводеше борбата против плагирање, поднесе оставка откако минатата недела се појавија извештаи дека таа пред десет години копирала делови од својот магистерски труд. Во сличен спор е вмешана и министерката за здравство Ингвилд Кјеркол.
На прес-конференција на 19 јануари, Борх призна дека плагирала делови од својот труд.
„Кога го пишував мојот магистерски труд пред десет години, направив голема грешка. Зедов текст од друго место беа да го наведам изворот. Се извинувам за тоа“, кажа Борх пред да поднесе оставка.
Ова признание доаѓа откако Борх претходно побара казни за студентите кои направиле плагијат. Таа дури однесе еден ваков случај до врховен суд откако понизок суд ослободи еден студент од обвинението за плагијат. Борх ја обжали пресудата, тврдејќи дека „е важно за сите студенти, универзитети и колеџи во Норвешка да се знае дека прописите за мамење и нивното спроведување се лесни за разбирање“.
Борх беше разоткриена од Кристофер Ритерагер, 27-годишен студент од Осло, кој кажа дека бил изнервиран од нејзината хајка против еден конкретен студент поради мала грешка, па затоа решил да ја испита нејзината академска работа. Тој потоа објави детали за плагирањето на Борх на социјалната мрежа Икс, вклучително грешки во спелувањето.
Според норвешкиот весник „Е24“, над 20% од магистерскиот труд на Борх, одбранет на Универзитетот во Тромсо во 2014, биле преземени од шест други места.