Во изминативе години, глобално има раст на Стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП), загрижувачки тренд кој што претставува сериозна закана за слободата на изразување, се вели во резолуцијата усвоена од Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Платформата за заштита на новинарството и безбедноста на новинарите на Советот на Европа ги дефинира ваквите тужби како форма на „малтретирање и заплашување на новинари“, со негативно влијание врз медиумската слобода. Сепак, влијанието на ваквите тужби не ги опфаќа само новинарите, туку и активисти, свиркачи, човекови права, групи за заштита на животната средина, синдикати и други чинители кои што учествуваат во дебати за работи од јавен интерес.
СЛАПП типично имаат две клучни карактеристики: Тие имаат за цел да ги заплашат новинарите, активистите или свиркачите и често ги злоупотребуваат правните процедури за да ја нарушат слободата на изразување.
Тужителите, често моќни личности со значителни ресурси, користат агресивни правни тактики и бараат огромни отштети за да ги трошат времето, ресурсите и финансиите на тужените. Не е невообичаено вакви тужби да има и кај нас, во Македонија.
Свесни за значењето на ова прашање, Советот на Европа ја нагласува итната потреба за координирана акција на земјите-членки за ефективна борба против ваквите тужби.
Со резолуцијата се препорачуваат неколку мерки, вклучувајќи воспоставување процедури за брзо одбивање на неосновани тужби, ефикасно менаџирање на случаите за да се минимизираат должината и трошоците на судењето, и докажувањето дека не станува збор за СЛАПП да биде должност на тужителите. Се препорачува и воведување казни за тужителите кои ги злоупотребуваат правните процедури.
Се препорачува и воведување дисциплински мерки за адвокатите ако „свесно учествуваат“ во СЛАПП, а судиите треба да бидат обучени да ги препознаваат ваквите тужби.
Понатаму, Советот на Европа повикува на ревизија на административните и кривичните процедури кои што можат да имаат негативно влијание на слободата на изразување, нагласувајќи ја потребата за декриминализазија на клеветата.
Г. МИХАЈЛОВСКИ