Општина Штип денеска почна да доставува ученички униформи во штипските основни училишта, што беше договорено во претходни консултации со родителите на учениците, кои изразиле став да се елиминираат класните разлики и барем во училиштата децата да бидат еднакви со својата гардероба.
Униформите први ги добија учениците од ОУ „Тошо Арсов“, а од наредните денови, униформирани ќе бидат и учениците од одделенската настава во останатите штипски основни училишта, каде што носењето на униформите за време на наставата ќе биде задолжително.
„Во консултација со родителите и училишните одбори направена во првото полугодие, почнавме да го реализираме овој проект. За него се издвоени 4,5 милиони денари. Направивме пригодни и модерни униформи кои се состојат од памучни маици и дуксови, прилагодени за три временски сезони додека трае школската година“, рече градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, при првото врачување на училишните униформи.
Тој додаде дека се предвидува униформи да добијат и учениците од предметната настава, што значи дека и учениците од шесто до деветто одделение ќе добијат униформи.
Т. ЈОВАНОВСКИ