Простор од 750 квадратни метри од Клиниката за токсикологија ќе биде реновиран и трансформиран во Ургентен интернистички тријажен центар, со пари од „Комерцијална банка“ и „Алкалоид“, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
Донацијата од „Комерцијална банка“ изнесува 235.000 евра, а од „Алкалоид“ 233.673 евра, или вкупно 468.673 евра.
Договорот за донацијата министерот го потпиша со Маја Стевкова-Штериева, финасова директорка во „Комерцијална банка“ и Владо Индов, директор во „Алкалоид“.
Министерот кажа дека Тријажниот центар ќе биде прв контакт за прием на пациентите, каде во зависност од состојбата ќе може да останат до 48 часа, а понатаму ќе бидат препратени или на некоја од Интерните клиники или ќе бидат пуштени дома.
Центарот ќе биде опремен со апарати за интензивна и полуинтензивна нега, компјутерска томографија, рентген и ендоскопија.
Се очекува Центарот да биде готов за неколку месеци.
Б. НЕСТОРОСКА