Собранието на денешната седница со 55 гласа „за“ и ниту еден „против“ ги усвои измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, со кои што се предвидува обложувалниците и казината да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основните и средните училишта. Законот беше донесен во скратена постапка, со европско знаменце.
Со законските измени, обложувалниците и казината имаат рок од една година да ги преселат деловните простории на најмалку 500 метри од училиштата.
Против носењето на овој закон во дискусијата беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои бараа тој да биде повлечен, но потоа не гласаа „против“. Предлагач е Владата, која вели дека законот се носи за заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст.
Од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) бараат од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот за прогласување на законот и најавуваат дека ќе протестираат и дека ќе поднесат тужба до Уставниот суд. Според нив, со законските измени без работа ќе останат 10.000 вработени во секторот, а ќе се стимулира коцкање на црно.