ПОЧИНА РОБЕР БАДЕНТЕР, БИВШИОТ ФРАНЦУСКИ МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА КОЈ ЈА УКИНА ГИЛОТИНАТА И ПРОГЛАСИ РАСПАД НА ЈУГОСЛАВИЈА

    ПОЧИНА РОБЕР БАДЕНТЕР, БИВШИОТ ФРАНЦУСКИ МИНИСТЕР ЗА ПРАВДА КОЈ ЈА УКИНА ГИЛОТИНАТА И ПРОГЛАСИ РАСПАД НА ЈУГОСЛАВИЈАБадентер воведе големи правни реформи во земјата откако Митеран беше избран за претседател (Фото: АФП)

    Робер Бадентер, некогашниот француски министер за правда кој ја укина гилотината во 1981, почина на 95 години. Како адвокат и активист за човекови права, Бадентер воведе големи правни реформи во земјата откако Франсоа Митеран беше избран за претседател во мај 1981, именувајќи го за министер за правда.

    Еден од неговите први потези беше законот за укинување на гилотината, со која дотогаш се извршуваа смртни казни, последен пат во 1977. Тој одлучил да се бори за тоа откако еден негов клиент бил погубен во 1972 за соучесништво во двојно убиство.

    Во времето на распадот на Југославија, Бадентер беше претседател на арбитражна комисија во рамките на Мировната конференција за Југославија во 1991, која стана позната како Бадентерова комисија. Таа оцени кои републики можат да бидат меѓународно признати, при што рече дека во тој момент тоа можат да бидат само Словенија и Македонија, но Македонија тогаш не поднесе барање за членство во ОН, а во 1992 со Лисабонската декларација на ЕЗ беше блокирана од Грција.

    Бадентер стана дел од секојдневниот политички живот во Македонија и со таканареченото Бадентерово мнозинство, кое почна да се применува по воениот конфликт во 2001 и предвидува вклучување на малцинските етнички заедници во носењето важни одлуки.

    Бадентер, чиј татко починал во нацистички логор, во 1982 им наложи на француските судови да се борат против организираниот криминал и тероризмот, но да избегнуваат преполнување на затворите со малолетни престапници.

    Од март 1986, кога таборот на Митеран беше поразен на парламентарните избори, до март 1995 Бадентер беше претседател на Уставниот совет и потоа служеше како пратеник во Сенатот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира