И ПО 9 ПАТИ НА ДЕН БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ГАСАТ ЗАПАЛЕНИ СТРНИШТА, ПОТПАЛУВАЧИТЕ ГИ ПАЛАТ ЗА ДА ГИ ИСЧИСТАТ НИВИТЕ И БЕГААТ

    И ПО 9 ПАТИ НА ДЕН БИТОЛСКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ГАСАТ ЗАПАЛЕНИ СТРНИШТА, ПОТПАЛУВАЧИТЕ ГИ ПАЛАТ ЗА ДА ГИ ИСЧИСТАТ НИВИТЕ И БЕГААТНајчесто потпалувачите остануваат неказнети. (Фото: СДК.МК)

    Пелагонија е секојдневно во чад од запалени стрништа. Земјоделците го подготвуваат земјиштето за пролетна сеидба, па дел од нив на овој начин ги чистат површините од непотребната растителна маса. Битолската противпожарна единица има полни раце работа зашто ваквите нелегални активности особено се зачететни кога деновите се сончеви, па имаат и по девет интервенции за 24 часа. Досега палежите не предизвикале поголеми материјални штети, но енормно ги загадуваат воздухот и со тоа го загрозуваат здравјето на луѓето од околината.

    „Со велосипеди возиме често низ битолските села и можеме да видиме како горат ниви. Се дигаат облаци чад, смрди неподносливо. Имаме видено сопственик на зејиште како дојде со џип, го запали стрништето и замина, оставајќи го на милост на ветерот. Ако дувне повеќе може да настане голем зијан. Ова се случува и со стрништа во подножјето на Пелистер“, кажуваат битолски велосипедисти.

    Од Територијалната противпожарна единица во Битола велат дека постојано добиваат дојави за запалени стрништа, некогаш оддалечени на километри од Битола и за мали интервенции, додека градот останува со ограничен број на пожарникари.

    „Зачестени се кога деновите се сончеви. Минатата недела кога имаше три до четири сончеви денови имавме по пет до шест интервенции во еден ден, еднаш и 9. Жители од селата излегуваат и ги палат стрништата и си заминуваат. Си ги чистат нивите, меѓите, ѓубриштата по каналите, тревата. Но, не е контролиран огнот. Палат и заминуваат оти ако ги ги најдеме на лице место, ќе дојде и полицијата ќе им поднесе пријава. Материјална штета нема, само што ние трошиме ресурски, човечка сила, гориво, време. Некаде одиме дури и за ништо. Правиме трошок и ризик зашто екипата ќе замине на 20 до 30 километри, а градот останува необезбеден со малку луѓе“, вели Горан Димкоски, комантир на Битолската пожарна.

    Од Подрачното одделение за земјоделство во Битола апелираат до земјоделците да не палат стрништа зашто може да се предизвика поголема штета.

    „Во овој период ги подготвуваат нивите за пролетна сеидба, па сакаат да го намалат трошокот за активностите со чистење на стрништата. Апел да се внимава, да не се пали зашто може да настанат поголеми проблеми не само од проширување на пожари, туку под земја има кабли па може да се нанесат и други штети“, вели Методија Илиевски, раководител на Подрачното одделение за земјоделство во Битола.

    Најчесто потпалувачите остануваат неказнети. За да им биде изречена казна треба да бидат затекнати на лице место. Ако пожарот не е до витални објекти и не предизвикува општа опасност тогаш сторителот се казнува по Законот за јавна чистота. Ако пожарот предизвика опасност по значајни објекти тогаш против сторителот него се поднесува кривична пријава.

    Чадот од запалените стрништа е опасен по здравјето на луѓето. Тој е извор на ПМ 10 честитки кои предизвикуваат влошување на кардиоваскуларни и белодробни заболувања, срцеви удари и аритмија. Во амбиенталниот воздих за суспендираните ПМ10 честички често пати се сврзуваат и полициклични ароматични јаглеводороди кои се канцерогени и се најопасни по човековото здравје. Неретко, запалените ниви се во близина на населени места и го загрозуваат здравјето на жителите. Оттука, на палењето стрништа не може да се гледа како вообичаена земјоделска активност, туку како нелегална и штетна дејност која се плаќа со здравје.

    Ж.ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира