НА ШИРОК СОКАК НЕ СМЕАТ ДА СЕ ЗАГРАДУВААТ ТЕРАСИТЕ ЗА ПУШАЧИ – ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ БАРА РЕШЕНИЕ СО КАФЕАНЏИИТЕ ДА ЈА ЗАШТИТАТ АВТЕНТИЧНОСТА НА КУЛТНАТА УЛИЦА

    НА ШИРОК СОКАК НЕ СМЕАТ ДА СЕ ЗАГРАДУВААТ ТЕРАСИТЕ ЗА ПУШАЧИ – ОПШТИНА БИТОЛА ЌЕ БАРА РЕШЕНИЕ СО КАФЕАНЏИИТЕ  ДА ЈА ЗАШТИТАТ АВТЕНТИЧНОСТА НА КУЛТНАТА УЛИЦАУгостителите изјавија дека најголем дел од гостите им се пушачи кои престојуваат во заградениот простор, а кафулињата внатре им се празни, па доколку се забрани поставувањето на стакленици ќе ги затворат бизнисите. (архивска фотографија)

    Општина Битола покренува иницијатива за формирање работно тело кое ќе изработи нова програма за поставување урбана опрема со цел да се најде соодветно решение за оградување на просторот за пушачи пред кафулињата наместо сегашните стакленици и најлони. Нив битолчани ги нарекуваат гулабарници, а тие го нагрдуваат и ликот на амбиенталната битолска улица Широк Сокак. Дискусијата се отвори на Комисијата за урбанизам, на која присуствуваа и претставници од Здружението за угостителство и туризам „Еснаф“ и од Завод и музеј Битола.

    „Постоечката програма е донесена пред 7 години кога се дозволи оградување пред кафулињата и сите сме свесни дека не е многу среќно решение. Целта е да се најдат нови системи, да не бидат сегашните железа. Во изминатите години има и нови системи со кои може да бидат заградени угостителски објекти за да не наликуваат, по битолски кажано, на гулабарници и да не бидат чадални туку да има и вентилација внатре и подобар изглед. Целта не е да се направи нова програма, а не да се затворат кафулињата“, рече Бојан Бојкоски, претседател на Комисијата за урбанизам.

    Од Завод и музеј, задолжени за заштита на Широк Сокак велат дека улицата е споменик на културата и дел од старото градско јадро и не постои законска можност да се дозволи заградување на објектите. Во 2017 година кога се носела Програмата за урбана опрема токму поради тој аспект, Управата за заштита на културно наследство се прогласила за ненадлежна.

    „Никаде во светот не се покриени објекти кои се заштитени како културно наследство. Законски можности не постојат за тоа. Управата затоа се прогласи за ненадлежна иако надлежностите се нивни. Ние немаме ингеренции, Скопје решава за цела Македонија. И сега повторно кога ќе се работи новата програма ќе биде истата постапка. Пак ќе треба да се побара одобрение од Управата. Затворање на улицата, на јавниот простор е недозволиво. Тоа е само кај нас случај. И ако се продолжи на ваков начин и тоа биде вградено во програмата, секоја чест на тие што ќе го издадат одобрението!? И тие ќе бидат соочени со законски пречки“, рече Зоран Алтипармаков од Завод и музеј Битола.

    Угостителите изјавија дека најголем дел од гостите им се пушачи кои престојуваат во заградениот простор, а кафулињата внатре им се празни, па доколку се забрани поставувањето на стакленици ќе ги затворат бизнисите.

    „Не е само изгледот на улицата, тука се работи и за општество, за бизниси, вработувања. Со носењето на овој несреќен Закон за пушење, дуќаните ни се и лето и зима внатре празни, џабе плаќаме ќирија, гостите седат во заградениот дел за пушачи. Ние не сме скандинавска земја, туку повеќе како Турција, луѓето пушат и пијат кафе. Со заградувањата навистина изгледот е грд, но бизнисите ќе ги затвориме ако не работиме со затворени тераси. И ние сакаме да личи поубаво, Широк Сокак е имиџот на Битола, но и пиењето кафе е историска традиција“, рече Марио Трифуновски од Здружението „Еснаф“.

    Анастасија Трајковска, инженер архитект и советник, рече дека час поскоро треба да се оформи работното тело и да се изработи новата програма за да имаат угостителите осум месеци а се подготват пред новата зимска сезона. Таа направи споредба со Лерин, Грција каде кафулињата на главната улица се затворени, но бум направија оние покрај реката кои не се заградуваат.

    Кај нас не зборуваме само за затворење, посочи Трајковска, туку и за поголем опфат на просторот надвор каде се поставуваат маси и колку се почитуваат дадените димензии за поставување урбана опрема за минувачите да можат да се движат. Ако е заградено од сите четири страни тоа не е простор за пушење, мора да има вентилација.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира