Денеска во Штип се одржува завршницата од Фирст Лего лигата на Македонија. На овој шести по ред национален натпревар по едукативна роботика учествуваат 22 екипи со 180 учесници од 6 до 16 години, поделени во две групи, помалата од 6 до 10 години и од 10 до 16 години поголемата група роботичари.
„Тимот што ќе победи оваа година ќе учествува на светското првенство кое ќе се одржи во Масачусетс САД од 7-9 јуни. Нашата едукативна асоцијација успеа да прати уште една екипа на меѓународниот натпревар во Грција кој ќе се одржи 9 и 10 март во Солун“ вели претседателот на Фирст Лего лигата на Македонија, Гордан Анастасов.
Натпреварите се одржуваат во спортската сала „Јордан Мијалков“ во Штип, а со оглед на масовноста и големиот број учесници резултатите ќе бидат познати до крајот на денот кога ќе бидат доделени признанијата на најдобрите.
Т. ЈОВАНОВСКИ