Дваесет затворенички од Казнено-поправниот дом „Идризово“ кај Скопје беа опфатени со обуки за дигитални вештини заради подобрување на програмите за третман на жените осудени на затворски казни и нивна ресоцијализација и рехабилитација. Претходно, немало обуки за дигитални вештини во казнените установи во државата, иако таквите едукации се дел од внатрешната помош што се пружа три месеци пред завршување на казната затвор во многу европски земји.
Обуките се дел од проектот„ Подобрување на дигиталните способности и вештини на жените осуденички во Република Северна Македонија“ ((ДиКапСИВ) за што грант од 2023 Alumni Engagement Innovation Fund добија профeсорката д-р Ангелина Станојоска, Фулбрајт алумна и нејзина колешка Фулбрајт студентка.
„Разбирањето на потребите за стекнување на знаење и дигитални вештини на жените осуденички е од суштинско значење за дизајнирање на ефективни програми кои ќе одговорат на дигиталниот јаз во казнено-поправните установи. Резултатите од анализата покажаа дека најголемиот дел од жените кои издржуваат казна затвор немаат искуство или не поседуваат вештини во изработка на документи или барање работа и поднесување апликации за работни позиции преку компјутер. Недостапноста до обуки за дигитални вештини или поради тоа што не поседувале компјутер, испитаничките немале можност за учење и надградба на дигитални вештини“, вели д-р Станојоска, координаторка на проектот, вонредна професорка и продеканка за наука и меѓународна соработка на Правниот факултет во Битола.
Обуките се одржаа во јануари и февруари годинава во Женското одделение на „Идризово“. Нив ги водеше доц. д-р Благој Неновски, а присуствуваа и професорите Станојоска, Ице Илијевски и Кире Бабаноски, кои се дел од проектниот тим.
„Обуките за стекнување дигитални вештини се дизајнирани за да им користат на осудените лица најмногу во барање вработување и онлајн апликации, комуникација со семејството и пријателите, самостојно онлајн учење и развој на вештини, присуство и комуникација на социјални мрежи, почнување на онлајн бизнис или проекти, како и безбедност и сигурност во интернет просторот. Овие вештини не се само од суштинско значење за нивниот личен раст и развој, туку се и клучни за нивната успешна реинтеграција во заедницата“, вели Станојоска.
Партнери во проектот се Правниот факултет при Универзитетот во Битола и Управата за извршување на санкциите, а се спроведе преку НВО Сина светулка – Скопје. Во негови рамки предвидена е и работилница на Правниот факултет во Битола, како и изработка и печатење на Прирачник за дигитални вештини кај осуденичките.
Ж. ЗДРАВКОВСКА