Товарниот брод „Рубимар“, нападнат од јеменските бунтовнички хути минатиот месец, потона во јужниот дел на Црвеното Море, соопшти денеска меѓународно признатата влада на Јемен. Ако се потврди, тоа ќе биде првиот изгубен брод откако во ноември милитантите хути почнаа да гаѓаат комерцијални бродови. Во владиното соопштение се вели дека бродот потонал во синоќа и се предупредува на „еколошка катастрофа“.
Бродот носел повеќе од 41.000 тони ѓубриво кога бил нападнат, соопшти претходно Централната команда на американската војска.
Јеменските милитанти хути напаѓаат комерцијални бродови во регионот на Црвеното Море од средината на ноември, велејќи дека дејствуваат во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
Во понеделникот, јеменски владин тим го посети „Рубимар“, товарен брод под знамето на Белизе, во сопственост на Велика Британија, и рече дека е делумно потопен и може да потоне во рок од неколку дена. Американската војска претходно соопшти дека нападот значително го оштетил товарниот брод и предизвикал нафтена дамка долга 29 километри.