Собранието во четвртокот усвои измени на Изборниот законик, со кои се зголемуваат квотите на граѓанските потписи за учество на независните кандидати на избори. На седницата што се одржа на 7 март, 84 пратеници и од власта и од опозицијата гласале „за“, никој не бил „против“ и само двајца биле воздражни.
Место илјада потписи од регистрираните гласачи во една изборна единица, независните кандидати и независните листи сега ќе мора да соберат најмалку еден отсто потписи од вкупниот број избирачи во нивната изборна единица. Овие промени ги засегаат независните листи на кандидати за советници и пратеници и независните кандидати за градоначалници, на кои сега им се отежнува учеството на избори.
Според Габриела Илиевска од независната советничка група „Поинаку“ од Битола, ова не претставува ништо друго освен удар врз демократијата и нејзино уназадување.
„Лош потег од сите аспекти. Во нашата држава повеќето политички партии не се подготвени за демократски процеси, тоа го чувствуваме секојдневно ние како независни советници вклучени во институцијата совет и сметам дека ова е заедничка заложба на партиите, независните советници и пратеници воопшто да не постојат бидејќи им ги нарушуваат комодитетот и нивната партиска агенда. Ова го кажувам за сите партии кои гласаа за ваквите измени, бидејќи само една или две не гласале за ваквиот удар врз демократијата“, рече Илиевска.
Таа истакнува дека „Поинаку“ е пионер во Македонија во процесот на создавање независни советнички листи и оттаму е непринципиелно што не биле вклучени во работната група за измените на Изборниот законик каде можеле да ги пренесат своите иксуства. Со три советници, „Поинаку“ има најголем број независни советници во општините во земјава, има и свој претседател на совет, Габриела Илиевска во Битола и е застапена во битолскиот Совет во два мандата.
„Во 2021, фиксна беше бројката на собрани потписи, 350, што сметам дека е многу за еден град како Битола. Сега, според некои мои проценки, немам точна бројка, би требало да се соберат најмалку двојно повеќе потписи“, додава Илиевска.
Во двата наврати кога успеаја да соберат потписи за кандидатура на локалните избори, во 2017 и 2021, по исполнувањето на квотата од 350 потписи веднаш ја повлекле листата за да не се докажуваат како политичките партии колку многу приврзаници можат да соберат и да не ги мачат граѓаните да излегуваат за потпис. Во 2021 за три часа ги собрале потребните потписи.
Собранието на 147. седница по скратена постапка го изгласа Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со што се зголеми бројот на потребните граѓански потписи за независните кандидати и бројот илјада се замени со 1%.
Ж. ЗДРАВКОВСКА