Либералите и Зелените во Европскиот парламент сметаат дека правото на абортус треба да биде вклучено во Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија.
„Правото на безбеден абортус припаѓа во Повелбата на ЕУ како основно право. Правото на жените самостојно да одлучуваат за своите тела не треба да зависи од тоа која политичка партија е на власт во даден момент“, изјави Тери Рајнтке, лидерката на парламентарната група на Зелените.
Француската европарламентарка Валери Ајер, која е лидерка на либералната група Рињу, кажа дека ја поддржува иницијативата на Емануел Макрон, кој о петокот изјави дека слободата да се има абортус треба да биде вклучена во Повелбата на ЕУ.
„Додека радикалната десница напорно работи на изнаоѓање нови начини да ја протурка својата реакционерна агенда, ние мора да се залагаме за правата на жените порешително од кога било. Правото на абортус мора да биде вградено во Повелбата на ЕУ, затоа што правата на жените никогаш не смееме да им ги оставиме на популистите“, кажа Ајер.
Минатата недела, Франција го вгради правото на абортус во својот устав, откако законски беше дозволен уште од 1975 година.