Кумановец вечерва бил пресретнат и ограбен во својот автомобил на улицата Доне Божинов во Куманово. Разбојништвото се случи околу 20.30 часот, кога неколку лица пукале кон него и му одзеле торба со пари.
„Во 20.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека на улицата Доне Божинов во Куманово патничко моторно возило ‘ренџ ровер'” со скопски регистарски ознаки удрило во патничко моторно возило ‘пасат’ со кумановски регистарски ознаки управувано од С. С. (63) од Куманово. При што, неколку лица пукале кон возачот на патничкото моторно возило ‘пасат’ и му одзеле торба со пари, а подоцна го запалиле патничкото моторно возило ‘ренџ ровер’. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од СВР Куманово.
Според очевидци, ограбениот кумановец е сопственик на менувачница и се враќал дома од работа. Напаѓачите го пресретнале и му го пресекле патот, по што со закана со пиштол ги одзеле парите и побегнале.
На лице место дошла, противпожарната служба, полиција и брза помош.
Вознемирени жители од околните куќи велат дека целата опрација личела на филмски грабеж.
С. НИКОЛИЌ