„27 март е голем празник за нас театарџиите. Тој ни доаѓа како куќна слава. И тогаш театрите се обидуваат, на тој ден, да дадат премиера (по можност добра), па потоа коктелче, баш како на куќна слава“, вели актерот и режисер Коле Ангеловски, доајен на македонскиот театар, кој е автор на македонската порака за Светски ден на театарот – 27 март.
Денес во сите театри во земјава и во светот, пред почетокот на претставите, на сцена ќе се прочитаат националната и светската порака, која годинава ја напиша норвешкиот писател, драматичар, драматург, и добитник на Нобеловата награда за литература за 2023, Јон Фосе.
„Долго време сум во театарот и имав прилика да доживеам два радикално различни периоди во животот на македонскиот театар.
Првиот, кога Македонија, во склоп на Југославија, водеше сметка за културата, сакаше да се покаже пред другите републики, беше горда кога ние правевме добри претстави, победувавме на меѓународни фестивали и фестивалите во Југославија, патувавме по турнеи во разни земји по светот. Тогаш, ниту еден од режисерите на знаеше колкав му е буџетот на преставата. Сценограф, костимограф, композитор ( за секоја престава специјално се компонираше музика) нормално беше да ги имаш најдобрите, секое работно место беше покриено со соодветно квалификуван човек. Имаше работилници што изработуваа се’ што е потребно да се опреми една претстава. Тогаш театрите ги водеа компетентни и значајни личности и се’ функционираше како што треба. Југославија се распадна, Македонија имаше среќа да помине без војна“, пишува Ангеловски.
Режисерот понатаму вели дека во то тоа време во независна Република Македонија имаше околу 20 национални установи кои целосно беа финансирани од Министерството за култура.
„ Дојде демократијата, во театрите дојдоа партиски директори, кои си носеа партиски режисери, кои си бираа партиски глумци и соработници и со големи буџети правеа големи проекти, не претстави, проекти според големи автори. Големи најави, мали резултати.
Ќе се променеше власта, нови партиски директори, нови партиски режисери, нови соработници, големи автори, големи најави, а сѐ помалку публика, помалку репризи. Сонувавме за некогашните 200, 300, 470 репризи, претставите кои се играа по десет, дваесет, дваесет и девет години, пред полни салони, со редици пред билетарата, со среќна и насмеана публика.
Секоја година со ребалансот на буџетот, парите во културата се намалуваа за 10 %, 20 %, а бројот на националните установи се зголемуваше. На последниот конкурс на Министерството за култура имало 3.132 барања за финансирање на проекти. Комисиите составени, барем како што велат, од компетентни и стручни луѓе (повеќе партиски, отколку компетентни) како само да ги протрчале насловите, без суштински да навлезат во проектите; инаку би им требало најмалку година дена, но и тогаш средствата би ги поделиле за да се задоволат народите и народностите, партиите, во секое гратче, општина, село – тежнеејќи да има барем по две национални установи, за да се почитува принципот на двојазичност и сите да бидат задоволни.
Една мала дигресија, Франција, држава со 80 милиони жители, има само 5 државни театри кои се комплетно финансирани од Министерството за култура на Р. Франција, и само театарот Комеди Франсез има постојано вработена трупа.
Да се добие статус на Национална институција на културата – тоа мора да се заслужи.
И сега со овие средства што ги добија театрите, со исклучок на две, три претстави што имаат пристојни буџети, ќе крпарат со сценографии и костимографии од фундус, музика ќе симнуваат од Јутјуб, хонорарите, ако воопшто ги има, ќе бидат минимални. Ќе гледаме, по кој знае кој пат нови видувања на ‘Тартиф’, на дела од Шекспир, Стефановски… Ќе ‘измислиме нов правец’’ во театарот – „Гол театар“: празна сцена, две столици, црни завеси…
Зградите на театрите ќе се распаѓаат, вода ќе тече од сите страни, греење ќе нема, стотина дипломирани млади актери ќе чекаат некој од театрите да распише конкурс , за евентуално да бидат примени… Но, затоа ќе имаме фестивали во секој град и село, дури ќе финансираме фестивал во друга држава…
Ама немајте гајле, догодина, како што рече еден наш хуморист: Тумороу ит вил би БЕТЕР!“, вели Ангеловски.
Во пораката на Фосе, која на македонски ја преведе актерот Здравко Стојмиров, меѓудругото стои: „Секој човек е уникатен, неповторлив, посебен, а сепак ист како и секој друг. Нашата видлива, надворешна појава, е различна од сечија друга. И се разбира, сето тоа е добро и убаво, но исто така во секој човек има нешто што му припаѓа само и единствено нему – а тоа е самиот тој. Односно, тоа нешто можеме да го наречеме неговиот дух или неговата душа. Или може да одлучиме, воопшто да не го именуваме со зборови, да го оставиме тоа нешто на мира“.