НЀ НАРЕКУВААТ „ДОМАЌИНСКИ ТЕАТАР“, А ПОКРАЈ СЀ, И ДОМАЌИНЛУКОТ МУ ГО ДОЛЖИМЕ НА РИСТЕ СТЕФАНОВСКИ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ДРАМСКИ ЗА 27 МАРТ

    НЀ НАРЕКУВААТ „ДОМАЌИНСКИ ТЕАТАР“, А ПОКРАЈ СЀ, И ДОМАЌИНЛУКОТ МУ ГО ДОЛЖИМЕ НА РИСТЕ СТЕФАНОВСКИ, РЕЧЕ ДИРЕКТОРКАТА НА ДРАМСКИ ЗА 27 МАРТДрамски го одбележа Светскиот ден на театарот 27 март со промоција на монографија и со именувањето на големата сцена во Стефановски. (Фото: Драмски театар)

    Најистакнатите македонски театарски режисери, драмски автори, актери ќе имаа понеизвесен пат во градењето на кариерата доколку не добиваа отворени можности од Ристе Стефановски, рече синоќа директорката на Драмски театар во Скопје, Викторија Рангелова. Драмски го одбележа Светскиот ден на театарот 27 март со промоција на монографија и со именувањето на големата сцена во чест на легендарниот театролог, долгогодишен театарски работник и театарски историчар, кој 26 години беше директор на Драмски театар од основањето. Стефановски почина во 2022.

    Драмски го одбележа Светскиот ден на театарот 27 март со именувањето на големата сцена во чест на легендарниот театролог. (Фото: Драмски театар)

    „Стефановски  ја отвора вратата, го зацртува патот, ја создава основата, и низ годините ги води најголемите премрежја, борби и победи на Драмски театар. Оттука тој не работеше само за растењето на Драмски театар, туку делуваше во целокупниот културен растеж на државата. Неговата визија, умешност и сеопфатна посветеност, им овозможи на соработниците и вработените во Драмски, по секој постигнат успех да зрачат со неподнослива гордост и оправдана ароганција. Стефановски успеа вредносните критериуми да ги постави високо на скалата и никогаш не отстапи од нив. Тој имаше свој правилник за успех по кој мора да се делува: паметно осмислена репертоарна политика, афирмација на македонски драмски автори и режисери, отворен простор за младите и нивната младешка театарска визија. Да се биде актер на Драмски може само доколку и само доколку сте подобар од најдобрите, да се биде човек со секој еден, а суетата, доколку е можно, да се потисне во џеб. Рамнодушноста, мрзеливоста, отсуството на работна дисциплина и предавање на започнатата борба се неприфатливи состојби. Следејки ги овие правила секогаш беше десет чекори понапред од останатите. Успехот на Драмски под негово раководство, за останатите театри беше провокација за натпревар. Се обидуваа да го стигнат, но никогаш не успеаја да го престигнат.  Денес, некои од нашите колеги од другите театари на шега го нарекуваат Драмски ‘домаќински театар‚. И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех“, кажа директорката.

    Уредник на монографијата е Александра Бошковска, а ја промовираше Искра Гешоска, која рече дека во него се поместени делови од неговите дневничк записи, делови од рефлексиите на колешките и колегите, соработничките и соработниците на Стефановски, хронолошки и биографски единици и факти поврзани со целокупната дејност на Стефановски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира