УСТАВНИОТ СУД РЕШИ ДЕКА ГРАЃАНИТЕ КОИ ОСЛЕПЕЛЕ, ОГЛУВЕЛЕ, СТАНАЛЕ НЕПОДВИЖНИ ИЛИ ТЕШКО ПСИХИЧКИ СЕ РАЗБОЛЕЛЕ ПО 65-ТА ГОДИНА, ЌЕ МОЖЕ ДА ТУЖАТ И ДА СИ ГИ ДОБИЈАТ ПАРИТЕ ЗА МОБИЛНОСТ ОД 2019, ОТКОГА СЕ ДИСКРИМИНИРАНИ

УСТАВНИОТ СУД РЕШИ ДЕКА ГРАЃАНИТЕ КОИ ОСЛЕПЕЛЕ, ОГЛУВЕЛЕ, СТАНАЛЕ НЕПОДВИЖНИ ИЛИ ТЕШКО ПСИХИЧКИ СЕ РАЗБОЛЕЛЕ ПО 65-ТА ГОДИНА, ЌЕ МОЖЕ ДА ТУЖАТ И ДА СИ ГИ ДОБИЈАТ ПАРИТЕ ЗА МОБИЛНОСТ ОД 2019, ОТКОГА СЕ ДИСКРИМИНИРАНИОвие повозрасни луѓе кои не по своја вина станале инвалиди по 65-та година, беа оставени такви неподвижни, во инвалидски колички или слепи, сами да се снаоѓаат како знаат. (Фото: СДК.МК)

Уставниот суд денеска го поништи член 3 став 1 точка 2  од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани во делот „најмногу до 65-годишна возраст” и со тоа им овозможи на одбиените граѓани над 65 години не само да добиваат месечен надомест за попреченост, туку и да си ги бараат парите за неколку години наназад што државата неправедно им ги ускрати.

Одлуката на Уставниот суд е поништувачка, а не укинувачка, па сите овие повозрасни лица кои се инвалидизирале по 65-та година, а биле одбивани за финансиска помош затоа што биле постари од 65 години, може сега да тужат и да ги добијат ускратените пари на купче.

САКАМДАКАЖАМ.МК со конкретни случаи пишуваше дека Народниот правобранител беше преплавен со претставки од одбиени граѓани за финансиски надомест од државата, а кои не по своја вина станале инвалиди по својата 65-та година. Беа оставени такви неподвижни, во инвалидски колички или слепи, сами да се снаоѓаат.

Дискриминаторскиот закон донесен во 2019 година во член 3 став 1 точка 2) велеше: „корисници на правото на надоместок заради попреченост се лица со навршена 26-годишна возраст, а најмногу до 65-годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа“.

„Од содржината на погоре наведениот член од Законот произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост, не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани. Судот оцени дека со таа одредба e нарушенa темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правната сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.  Со исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост, според Судот, создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста“, вели Уставниот суд.

С. К. ДЕЛЕВСКА

 


 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира