Секој шести адолесцент доживеал сајбер-малтретирање, покажа меѓународна студија. Повеќе деца на училишна возраст рекле дека биле сајбер-малтретирани отколку пред пандемијата, се вели во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО). Студијата опфатила над 279.000 млади луѓе од 44 земји и региони.
Во Велс, каде беа анкетирани речиси 37.000 млади луѓе, 17% изјавиле дека доживеале сајбер-малтретирање. Истражувањето за здравственото однесување кај децата на училишна возраст сугерира дека процентот на адолесценти кои рекле дека биле сајбер-малтретирани е зголемен од 2018, од 12% на 15% за момчињата и 13% на 16% за девојчињата.
Во Англија, каде што беа анкетирани повеќе од 4.200 млади луѓе, скоро секој петти (19%) изјавил дека бил сајбер-малтретирање барем еднаш или двапати во изминатите неколку месеци, а 11% рекле дека ги малтретирале другите. Во Шкотска, каде беа анкетирани повеќе од 4.300 млади луѓе, 18% рекле дека доживеале сајбер-малтретирање, а 11% рекле дека малтретирале други.
Во извештајот се вели дека има „итна потреба“ да се едуцираат младите луѓе, семејствата и училиштата за формите на сајбер-малтретирање и неговите импликации. Д-р Ханс Анри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, рече: „Како што социјалниот ангажман на младите луѓе се префрли на онлајн-околината за време на изолацијата во пандемијата на ковид-19, така се чини дека извршувањето и искуството на сајбер-малтретирање се зголемија“.
„Фокусирањето на виртуелните видови врсничко насилство сега е итен приоритет за заштита на здравјето и благосостојбата на популацијата на адолесценти и млади луѓе, а сајбер-малтретирањето мора да се гледа како главен проблем за општествата. Со оглед на тоа што младите поминуваат до шест часа онлајн секој ден, дури и малите промени во стапките на малтретирање и насилство може да имаат длабоки импликации за здравјето и благосостојбата на илјадници луѓе. Ова е прашање и за здравјето и за човековите права, и ние мора посилно да ги заштитиме нашите деца од насилство и оштетувања, и офлајн и онлајн“ вели д-р Клуге.