ПЕДИЈАТРИТЕ, ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО СПРЕЧУВАЊЕТО НА ДЕБЕЛИНАТА КАЈ ДЕЦАТА, ВЕЛИ Д-Р ШУКАРОВА-АНГЕЛОВА

    ПЕДИЈАТРИТЕ, ГРАДИНКИТЕ И ШКОЛИТЕ ДА СЕ ВКЛУЧАТ ВО СПРЕЧУВАЊЕТО НА ДЕБЕЛИНАТА КАЈ ДЕЦАТА, ВЕЛИ Д-Р ШУКАРОВА-АНГЕЛОВАЕкспертите велат дека дебелината не е индивидуален проблем, туку колективна грижа. (Фото: К. Попов)

    Генетската причина може да е причина за дебелина кај децата, но сепак најчесто во нашата средина се среќаваме со деца кои се со дебелина предизвикана од храната, рече проф. д-р Елена Шукарова-Ангелова на вчерашната панел-дискусија, организирана од Научното здружение за обезност „Обем“. Таа додаде дека загрижувачки се податоците за овој проблем кај децата и адолесцентите.

    „Според податоците со кои се располага, во светот околу 150 милиони деца се со екстремна дебелина. Децата обично доаѓаат со родители, кои исто така се дебели, со мисла дека е генетски. Генетската причина може да ја има, но сепак најчесто во нашата средина се среќаваме со деца кои се со дебелина предизвикана од храната. Некои од нив успеваат да се справат со дебелината со помош на семејството и средината, но некои не успеваат. Намалуваат, но повторно и се враќаат на тежината“, кажа Шукарова-Ангелова.

    Според неа, улогата на општеството е во тоа да најде можности за да се превенира повторната дебелина кај овие деца.

    „Затоа апелираме до матичните лекари, градинките и училиштата да се таргетира овој проблем. Само на тој начин можеме да го намалиме прогресот на тежината кај децата. Треба да се менуваат и навиките во семејствата. Дебелината не е индивидуален проблем, туку колективна грижа. Сите заедно да се вклучиме во борбата, да се превенира. Децата купуваат енергетски пијалаци, а никој не ги контролира. Потребна е колективната едукација“, кажа таа.

    Проф. д-р Игор Спироски вели дека според информациите што ги објавуваат како Институт за јавно здравје и Македонско здружение за исхрана и здравје, може да се заклучи дека сме високо меѓу државите, пред сѐ во европскиот регион, особено во детската дебелина.

    Спироски нагласува дека според најновите согледувања, 30 проценти од децата од шест до деветгодишна возраст кај нас, се со зголемена телесна тежина, додека 13,8 отсто живеат со дебелина или со екстремна дебелина. Споменувајќи ги храната, намалената физичка активност, седење пред компјутер, тој се осврнува и на најновите податоци што зборуваат и за социоекономски карактеристики, во земји со двојна оптовареност со дебелината.

    „ Околу 28,4 проценти од возрасните во Македонија, имаат само дебелина, а над половина од населението над 18 години, е или со зголемена телесна тежина или со дебелина. Во однос на полот, машките се во поголем ризик од женските лица. Децата од урбаните средини се уште се со поголем ризик од оние што живеат во руралните средини, но и тој дел полека почнува да се менува, на штета на руралното“, рече Спироски.

    Дебелината во Македонија од 1990 до 2022 кај возрасните е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, вели Иниститутот за јавно здравје (ИЈЗ). Во земјава, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира