Првиот човек на кого му беше пресаден бубрег од свиња излезе од болница, две недели по операцијата. Шеесет и двегодишниот маж беше пуштен дома од Општата болница на Масачусетс во Бостон по операцијата чиј успех беше опишан како историски подвиг на полето на трансплантирањето.
Обиди за пресадување органи од генетски модифицирани свињи беа неуспешни во минатото.
Болницата соопшти дека пациентот Ричард Слејмен од Вејмут имал тешко заболување на бубрезите и пресадувањето било неопходно за да му се спаси животот. Четиричасовната операција била изведена на 16 март, кога му бил пресаден бубрег од генетски модифицирана свиња.
„Бубрегот е функционален и пациентот веќе не е на дијализа“, кажаа од болницата.
Слејмен изјави дека излегувањето од болницата му бил еден од најсреќните моменти во животот. Во 2018, тој добил бубрег од починат донор, но органот почнал да му откажува минатата година, па лекарите му ја предложиле идејата со бубрег од свиња.
„Тоа не само што беше начин да ми се помогне мене, туку и надеж за илјадници луѓе на кои им треба нов орган за да преживеат“, кажа Слејмен.
Бубрегот што го прими бил модифициран од фармацевтската компанија „еЏенезис“ во Кембриџ, која ги отстранила штетните гени на свиња и додала одредени човечки гени за да се подобри компатибилноста со луѓето.