Мечевите од Лигата на шампионите оваа недела ќе имаат засилена безбедност откако се појавија закани од Исламска држава. Медиумски канал на групата објави повеќе постери преку кои се повикува на напади врз стадионите каде што ќе се играат четвртфиналните натпревари.
УЕФА кажа дека е свесна за заканите, но додаде дека мечевите во Мадрид, Париз и Лондон ќе се играат според планираното. Министерствата за внатрешни работи на Франција и Велика Британија потврдија дека безбедносните мерки ќе бидат зајакнати.
„Ќе ве потсетам дека пред само десет дена Исламска држава објави фотографија од стадионот во Минхен и кажа дека треба да се преземе акција против спортските објекти каде што се играат фудбалски мечеви, иако сите спортови би можеле да бидат мета“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманан.
Оваа недела две средби се играат во Мадрид и по една во Лондон и Париз. Каналот на ИСИС објави фотографии и од тамошните стадиони.