ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ Е КРАТКОРОЧНА МЕРКА, ТРЕБА ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ ПОДОБРО ПЛАТЕНИ РАБОТНИ МЕСТА, ВЕЛИ СВЕТСКА БАНКА

    ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ Е КРАТКОРОЧНА МЕРКА, ТРЕБА ДА СЕ ОБЕЗБЕДАТ ПОДОБРО ПЛАТЕНИ РАБОТНИ МЕСТА, ВЕЛИ СВЕТСКА БАНКАСо замрзнување на цените вештачки се одржува некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата. (Фото: СДК.МК)

    Наместо замрзнување на цените, треба да се обезбедат подобро платени работни места, да се зголеми конкуренцијата во малопродажниот сектор и да се произведува повеќе храна дома отколку што се увезува, велат од Светската банка (СБ), на денешната презентација на редовниот Економски извештај за Западен Балкан во Скопје.

    Експертите на СБ велат дека замрзнувањето на цените на храната е краткорочна, а не структурна мерка која може да се користи на долг рок и со неа само привремено, вештачки се одржува некое ценовно ниво кое не ги отсликува реалните производни трошоци и реалните текови во економијата.

    „И покрај тоа, замрзнувањето на цените помогна да се одржи животниот стандард на населението во Северна Македонија, особено при поинтензивните поскапувања, но тоа не е мерка која може да се користи на долг рок. Во тој случај би требало да преминете на некои структурни мерки кои би можеле да го подобрат стандардот. Една од тие е обезбедување поквалитетни и повисоко платени работни места“, рече економистот Јоана Маџоска, одговорајќи на новинарски прашања.

    За субвенциите за електрична енергија за домаќинствата, Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, рече дека тоа кракторочно помогнало, но дека не се одржливи на долг рок.

    „Тоа чини пари, особено кога обезбедувате универзални субвенции. Вашата земја намени многу средства за да ја задржи цената на електричната енергија на најниско ниво во регионот и ова има влијание врз буџетот. Гледаме дека дефицитот е многу поголем од други земји во Западен Балкан. Има трошок што треба да се плати за спроведување на овие мерки, но дали се тие одржливи на долг период? Најверојатно не, бидејќи чинат пари, а не го менуваат однесувањето, ниту структурата на економијата. Затоа, треба да се поддржи преминувањето кон обновливи извори на енергија, помалку потпирање на увозот и на поскапите извори на енергија“, рече таа.

    Според неа, треба да се смени и однесувањето на потрошувачите и повнимателно да се троши струја.

    „Во европските земји има многу големи покачувања. Земјата каде што јас живеам имаше зголемување од над 25 отсто само лани, мојата лична сметка за струја сега е 50 отсто поголема од онаа во 2021 година. Ние многу внимаваме како ја користиме струјата, но таква промена во однесувањето не сум видела тука. Имавме многу големо намалување на искористеноста на електричната енергија во Европа, кога било ладно не се користела енергија за греење, луѓето живееле на пониски температури, но ваква промена на однесување не сме виделе тука. Затоа не се гледаат толку многу влијанијата на глобалното намалување на цените. Ова најмногу ќе се забележи во економиите во земјите во Западна Европа кои виделе навистина големо зголемување на цените на електричната енергија во овој период“, вели таа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира