Готови се фасадата и кровот на новиот објект на Турскиот театар во Скопје. Во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации, а тоа се механика, електрика, машинство и водовод и канализација. Штом завршат законските рокови, ќе почнеме со работа на третата фаза, рече денеска директоркта Ајлин Емин-Скоро.
Турскиот театар во Скопје постои 74 години, а веќе 10 години ги користи просториите на Театар Комедија. Објектот, кој се наоѓа во населбата Пролет близу железничката станица, почна да се гради пред 10 години.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска рече дека Министерството за култура во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 ) продолжува непречено да го финансира проектот, за што се проектирани средства во износ од 6.1 милиони евра, односно 380 милиони денари. Од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени 1.7 милиони евра или 104 милиони денари.
„Со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредување на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик и форма за да можат вработените низ уметничкото творештво да придонесат во уште поголема афирмација на македонската култура. За сето она што сега е реализирано беа издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари“, кажа министерката.
Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автор на идејното решение е архитектот Виктор Михајлов, кој е автор и на објектот на Филхармонијата. Театарот има две сали, голема со 329 места и мала со 120 места. Функционално, објектот е на седум нивоа, од кои пет надземни и два подземни.
Изградбата на карабината почна на 23 јуни 2014, а беше завршена и примопредадена на 15 јуни 2017. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Скопскиот Турски театар е единствениот театар на Балканот кој опстојува 74 години како национална установа поддржана од Министерството за култура, кој претставите ги игра на турски јазик надвор од границите на Турција. Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот и Албанскиот театар со години заедно работеа во Театарот на народностите во скопската Стара чаршија.
Б. НЕСТОРОСКА