Иновативната формулација на „Алкалоид“ за течната форма на лекот „омепразол“, прва од ваков тип во светот, е прогласена за Патент на годината од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на одбележувањето на 26 април, Светски ден на интелектуалната сопственост.
„Алкалоид“ ја поднесе меѓународната патентна пријава за „омепразол“ на 17 април 2020, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европска Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава беше одобрена од Европскиот завод за патенти на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „омепразол“, која се базира на два раствора содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива течен „омперазол“ готов за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето или неможност за голтање.