Четворица полицајци се убиени, а уште четворица се ранети додека спроведувале налог за апсење во Шарлот, Северна Каролина. Еден од двајцата напаѓачи е пронајден мртов во дворот на куќата каде што биле забарикадирани, по опсадата која траела три часа, кажа полицијата.
Ова е еден од најсмртоносните напади врз американските полицајци во последните децении.
Полицајците биле дел од тим кој требало да приведе лице барано за илегално поседување огнено оружје.
„Полицајците му возвратија на напаѓачот кој беше во предниот двор, а потоа кон нив беа испукани повеќе куршуми и од внатрешноста на куќата. Во куќата е пронајдено моќно автоматско оружје“, изјави шефот на полицијата на Шарлот, Џони Џенингс.
Според очевидците, пукањето се слушало и повеќе од два часа откако почнал инцидентот во станбена област во источниот дел на градот. Во куќата се пронајдени жена и 17-годишно момче и се верува дека барем еден од нив учествувал во пукањето.